top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ со премиера на 2 март во МНТ

„Горчливите солзи на Петра фон Кант“ од германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер, а во режија на Ивица Димитријевиќ е новата претстава која ја подготвува Македонскиот народен театар, а чија премиера е најавена за 2 март, на сцената на овој театар.

Љубовната драма „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е базирана на целосно и внимателно одбрана женска актерска екипа: Драгана Костадиновска – Петра фон Кант, Сара Анастасовска – Карин Тим, Сашка Димитровска – Сидони фон Гразенаб, Софиа Насевска -Трифуновска – Марлен, Тања Кочовска – Валери фон Кант и Анастасија Аневска – Габриеле фон Кант.

Дејството на пиесата се случува во домот на нарцисоидната и позната модна креаторка Петра фон Кант, која ја следи променливата динамика во нејзините односи со другите жени. Приказната на протагонистката Петра е раскажана во пет чина, притоа секој од нив ги прикажува психолошките состојби на главниот лик. „Претставата отворено и повеќедимензионално зборува и за тоа како капиталистичкото потрошувачко општество ѝ се заканува дури и на љубовта, без разлика за каква љубов станува збор — партнерска, другарска, родителска… За да ја первертира и да ја доведе до должничко доверителски продукт“, посочуваат од МНТ.

Текстот е напишан кон почетокот на 70-тите години од минатиот век, со кој авторот стекнува и голема светска слава, бидејќи отворено зборува за љубовните односи меѓу жените. По екранизацијата на филмското платно, текстот е повеќепати поставуван и на светската театарска сцена, а во Македонскиот народен театар се поставува за првпат.

Костимографијата е на Ирина Тошева, консултант за сценографија е Кристина Божурска, а музиката ја изработи Јане Трајковски. Станува збор за копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и МИ Филм, а по премиерата следни се закажани изведби се на 4 и 22 март со почеток во 20:00 часот.


1 view

Comments


bottom of page