Јуни во Кинотеката – почеток на летната сезона
28.05.2024 maj Vtornik
Јуни, месец на липите. Месец на нивниот опоен мирис, кој се шири насекаде и не може да не се почуствува неговата миризба. Така некако со опојни квалитети ќе се одвива кинопрограмата во првиот месец на летото во Кинотеката, која како секое лето се сели на отворено во летното кино „Мирно лето“.
Во програмскиот центар се пробија неколку содржини. Проекции на филмови со музички сензибилитет, веќе редовниот Филозофски филмски фестивал, ревија на португалскиот филм, претежно од седумдесеттите години на минатиот век, како и јубилејни проекции по повод стогодишнината од раѓањето на легендарниот и ненадминат американски актер Марлон Брандо.
Програмскиот каравн почнува со уште една проекција на македонскиот филм „Лена и Владимир“, по сценарио на Александар Русјаков, а во режија на Игор Алексов.
Она што особено ќе го привлече вниманието на киносладокусците се премиерните проекции на новиот филм на Софија Копола, биографскиот ПРИСИЛА. Филмот, базиран на мемоарите на Присила Присли – „Елвис и јас“, се нурнува длабоко во комплексноста на нивната врска претставувајќи наратив што е и интимен и рефлективен.
„Со посебно задоволство најавуваме оти филмофилите ќе може да ги видат уште еднаш, но овој пат на големото платно, музичките и рекламните спотови на нашиот, а светски квалитетен, филмски автор – Милчо Манчевски. Музичките спотови на Манчевски не се само визуелно импресивни туку и симболично богати. Тој успева да раскаже сложени приказни во краток временски формат користејќи симболи и метафори што ги прошируваат значењата на песните. Неговите спотови често ги истражуваат темите на љубовта, загубата, надежта и човечката природа нудејќи длабоки емоционални искуства за гледачите. Со иновативни визуелни решенија, богата симболика и внимателна монтажа, Манчевски создава спотови што остануваат во меморијата на гледачите долго по завршувањето на песната. Токму затоа овие кратки форми добија повеќе награди кај нас и во светот“, велат од Кинотеката.
Концептуално, се продолжува со филмот Д ХИП-БРАИНСТОРМ, во режија на нашиот познат музички документарист и филмски критичар Јане Алтипармаков. Ова ќе биде, всушност, круна на 30-годишнината од издавањето на култната музичка касета креирана од кумановските алтернативци Д Хип. Долгометражниот музичко-филмски проект е почестен со специјалната награда за музички филм од иницијативата МАН-МАКЕДОНСКИ АЛТЕРНАТИВНИ НАГРАДИ.
На ред е речиси тотален пресврт, но не сметано на квалитет, туку на содржина и сензибилитет. Станува збор за годинашново издание на ФИЛОЗОФСКИОТ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ.
Овој фестивал ќе го карактеризираат и филмовите во кои, малку е да се рече главен лик, доминира филмската актерска легенда Марлон Брандо. Неговото специфично, артистичко умеење ќе ги зашемети гледачите. Филмовите се по повод стогодишнината од раѓањето на великанот Брандо и се проектираат во оригинален, 35 мм формат.
Во дигитален формат е понудата на неколку филмови од португалската кинематографија. Станува збор за ремастерирани копии на општествено ангажираните, неколку децении стари филмски творби. Ова е несекојдневна можност да се видат вакви филмови, што бездруго ѝ е потребно на нашата кинопублика. Потребно е да се проследат и делата на кинематографиите што не ни се многу познати, како што е словачката.
На самиот крај на првенецот на летото, месецот јуни, повторно музички креации во филмско пакување. Тие се во рамките на годинешното издание на фестивалот СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ.
Така, во месецот на липите, Кинотеката ги спои разните форми на филмови со неибришлив квалитет, кои ќе бидат посакани пак да бидат видени. Тоа е нормално, добра клима, опоен мирис, опојни дела и овој јуни ќе биде раскажуван не само меѓу љубителите на филмот, велат од Кинотекатата.
Comments