Јувентус извиси, Барселона договори продажба на Кеси за 15 милиони евра
Франк Кеси постигна клучен гол на „Ел Класико“ дербито против Реал Мадрид во месец март и ги реши сите дилеми околу новиот шпански шампион, но уште тогаш беше јасно дека искусниот играч за врска не може да биде задоволен од понуденото на „Камп Ноу“
Всушност, Кеси не доби вистинска шанса за докажување и никогаш не ја придоби довербата од тренерот Чави Ернандес, па поради тоа не чуди и продажбата која ја договори клубот после само една година во Барселона.
Кеси во изминатиов период се поврзуваше со враќање во Италија и трансфер во Јувентус, но клубот од Торино сепак извиси и не можеше да се носи со понудата која пристигна од Саудиска Арабија.
Најугледните каталонски медиуми ова утро потврдија дека Барселона ја договорила продажбата на Кеси во Ал Ахли за сума од 15 милиони евра, што дефинитивно е одлична финасиска инјекција за каталонскиот гигант.
Барса пред само 12 месеци го доведе Кеси како слободен агент и не исплати ниту едно евро за него, па договорената сума ќе биде чиста заработка. Од друга страна, Кеси станува соиграч на Џани Алиоски и се претвора во ново големо засилување за Ал Ахли по Марез, Сен Максиман, Фирмино и Менди.
Comments