Јубилејно, 30. издание на „Ристо Шишков“ (8-13 септември)
Во книгата „Делос“, Бранко Ставрев потресно ја опишува смртта на Ристо Шишков. Последните зборови на актерот се драма во четири чина, секој чин составен од една единствена реченица. „Пак си во нов костум“ (иако не бил). „Чпиони и черешни.“ „На шишето да пишува Шишков. Крадат крв.“ „Лапнав трособен стан.“ Не гледам со кои други четири реченици би можело подобро да се искаже животната драма на Ристо Шишков, неговиот неподмитлив реализам, неговата ранлива бунтовност, лириката на распетијата и крстопатите, отровната самоиронија. Основната ситуација на трагедијата е да нè мами по својот пат (независно од последиците). Никој не сака да умре млад, но секој сака да биде Хамлет. „Најдобриот пат кон е низ“, пишува Роберт Фрост. Прошталните реченици на Шишков ја содржат во себе сета трагична, горчлива убавина на постоењето. Новиот костум што му се присторува, мене ме потсетува на една слика од морскиот брег, каде што тој (на сцена) не застана, но откаде бездруго минал, на патот кон онаа пуста земја каде што растат бездруго и румените черешни на детството. Главната убавина на стилот произлегува од поврзувањето на далечните нешта, но не насилно а како да сраснале, како отров и лек: таа ука не се учи, туку блика, кога и додека ја има. Од каде ѕиркаат чпионите ако не од девствената убавина на черешните, од зародокот на нашето битие? Она што можело да стане пасторала или барокна развиореност, се претворило во болници и безумие: крвта стои во шишиња, наместо да струи низ градите, но и неа ја крадат, нема спас освен ако не се одбраниме со некоја залепена етикета. „Да пишува Шишков.“ Да се знае кој е кој. И тие ме суредија, ама ни јас не испаднав подолен, им ја скапав муцката, „им лапнав трособен стан“. Мене барем не ми е позната погорчлива иронија од таа, кога градацијата тоне кон ништо, за да опфати сè. Чист триумф на зборот што не го чува постоењето, но затоа го надраснува. Не верувам дека некој артист од Македонија ќе може да се израмни со Шишков додека не ја одигра оваа негова драма во четири реченици на сцена, во сиот нејзин сјај – тоа е, можеби, претчувство.
Смртта на Шишков, на крајот од играта, нѐ воведува во играта околу него. Тоа е невидливата рамка на предложеното сиже: зошто било така како што било, можело ли да биде поинаку, кој е крив? Едно е јасно: вообичаените идеолошки претстави се блуткавата сол на сите времиња. Бидејќи, потенцијално, сите уверенија постојат во човечките глави, залажувањето околу тоа е општо. Најголема мака е односот кон стварноста на минатото. Стварноста е неодгатлива и од сегашноста, кога ја гледаме и дишеме цела; во минатото таа едноставно не постои, барем за сегашните човекови сили. Таа е заборав, трошки – но колку што фрагментарноста е поголема, уверенијата се посилни. На паметењето ништо не му треба толку како заборавот, зашто само во целосниот заборав – како во смртта – сè е зачувано: тогаш сликата на светот е сообразена со нашата свест, а вкупното постоење сведено на еден миг. Тоа е човековата ситуација: невозможност да се превари историјата како опитство, непрестајна фасцинираност со истите нешта. Затоа има војни; затоа глупоста царува – тоа се општи места. Но тие општи места се викаат, исто така, историја. Немоќ – недоволна развиеност на умот – минатото да се доживее како време и искуство, како автономна стварност на која се надоврзуваат други стварности, кои, сите заедно, ја создаваат претпоставената општа претстава за стварноста како целина. Таа стварна стварност не живее нигде, местото за живеење си го загубила, преку нејзиното време паднало друго време, а главите што ѝ нудат стан се премногу тесни да ја соберат. И така, наместо неа, останува само нејзината слика што секој си ја врти и пушта како филм, според своите потреби. Тоа агресивно залажување станува толку силно што мнозинството почнува да верува дека подобро го познава минатото низ кое минал, само затоа што го гази со чевлите на сегашноста. Слично е со уверенијата во однос на минатите идеологии и со судбината на луѓето што пострадале од нив. Неоправдано се поаѓа од тоа дека е денес подобро, за да се објасни дека вчера било полошо, наместо да се тргне од фактот дека секое време си има своја стварност, која можела да биде и полоша и подобра. Општо место е дека ниту едно општествено уредување не е добро, штом е замислено како ограничување на слободата: колку што се поголеми ограничувањата, и режимите се полоши. Кому треба да му се објаснува дека фашизмот, сталинизмот или комунизмот, како репресивни режими, не чинат; но и во нив луѓето воделе љубов, раѓале деца и се радувале. Демократското уредување е секако подобро од репресивните режими, но и тоа воспоставува власт на глупаците, зулуми и неправди, и во него луѓето боледуваат и умираат. Да се префрли сета вина врз некој режим значи, меѓу другото, тој режим да се прифати како вистинитост, во вредносна смисла на зборот: оној што не го прифаќа така, нема на што да се жали, освен на небото.
Антикомунизмот е обратен комунизам, ако поаѓа од утопистичкото верување во поубава иднина. Иднината е смрт, и во неа нема ништо убаво. Убавината се крие само во прејдениот пат, ако е тој вистинит, во стварноста на таа вистинитост и во креативноста на таа стварност. Идеолошките варијации во врска со Ристо Шишков, на пример, повеќе ја замаглуваат одошто откриваат суштината на неговиот пат, а тоа е играта. Ги мразел Србите, бил македонски националист, ја сонувал картата, бил како Гоце. Да речеме дека е така и да речеме дека не е: ја одредуваат ли тие нешта играта? Го одредуваат ли неговото место во светот, ја кажуваат ли неговата мака повеќе од четирите реченици речени пред смрт, кои болскотат како четири црно-темни „вангелија“? Тоа не значи дека не треба да се пребарува вистината, тоа не значи дека треба да им се прости на злосторниците: но ако огнот не се затрупа со пепел, жарта станува ваглен. Младешките уверенија на Шишков не се многу далеку од младешките уверенија на целата наша генерација. Ништо не ѝ наштетило на Македонија толку како приказната за картата: токму зад неа, како зад черешните, демнат чпионите. Наместо да се води сметка само за луѓето и нивната благосостојба и среќа, па каде биле да биле, во која-годе држава што им ја доделила судбината, а и туѓата грижа, се подгреваше една воинствена национална еуфорија на границата од безумието, која само го сврте вниманието на погрешна страна. Или божемната србофобија. Секогаш има причини да се замрази најблиското, колку што повеќе го сакаш толку посилно, едната исклучителност создава друга, и поотровна, неправдата вика до бога и тешко се трпи и во своја и во туѓа средина, ама тоа е вообичаената човекова состојба. По сплет на околности, знам што можело да излезе „од торбата на Ѓорѓето“, но исто така знам, многу добро, дека и тоа е само условен рефлекс: јас ви дадов сè и покажав дека сум рамен на најдобрите меѓу вас, а што ми дадовте вие и каде ме ставивте – не ми требате, виранлаци! Тоа, се разбира, не би било нужно да се споменува по еден ваков повод, да не влијае врз играта. Ако те викнам да станеш Гоце и Питу – и ти се изедначиш со нивните ликови – ќе добиеш почит меѓу толпата, ама ќе го скусиш својот класичен репертоар. И ќе направиш јаз меѓу своите врвни актерски можности и скромните филмски дела што ти се нудат.
Во врска со главното и најстрашното, осудата и забраната да се игра, мене ми е прифатлива верзијата што ја имам слушнато од Бранко Ставрев, еднаш и никогаш повеќе. Таа може накратко да се прераскаже како народна приказна. Во некое село чие име личи на Кушкундалево се снима филм во кој домашните ликови ги играат „оние од горе“, а туѓите „ние оттука“. Така, условно речено, Бата станува Гоце-Питу, а Питу-Гоце станува „клето Турче“. Сразмерно за помал хонорар (зашто се знае чија е заедничката држава, и за кој Нико-дин е предвидена главната награда), којзнае по кој пат, страдалниот бежанец од Егејот треба да се подбива со својата мака, играјќи сопствен зулумќар. Згора на тоа, на „клетото Турче“ некој му турил вино наместо мастика, на која навикнала неговата душа. Од тоа збудалел и на колегите „од горе“ – чудо големо – им ја опцул „мајката српска“, а кажал и дека го мрази Маршалот. Први го осудиле присутните наши актери-чпиони, било од пизма што ги засенувал со својот формат, било од додворувачка правоверност. Процедурата не можела да се сопре, иако генерален директор на МНТ бил Живко Чинго, ве-де директор на Драмата самиот Шишков, а партиски секретар Бранко Ставрев. „Што сега да правиме“, го прашал Бранко во бифето. „Казнете ме, исклучете ме од партија.“ Така и постапиле. Но комесарите си ја продолжиле работата и најпосле го осудиле, вистина само условно: но од филмот го избришале, снимените материјали ги изгореле, многубројните стари снимки ги ставиле во бункер, а него самиот го смениле од функцијата, му забраниле да игра и го разнишале од темел. „Чпионите“ од Кушкундалево можеби го мразеле, поради форматот, а и поради наврапитиот му карактер, „оти сите знаеме каков си беше“, но сепак ги повлекле своите првобитни пријави – божем биле пијани – и со тоа всушност го рехабилитирале. Но раната била длабока-предлабока. Зашеметуваат несразмерноста и суровоста на казната, не толку на пресудата колку на она што следувало по неа. Државната репресија – една година пред смртта на Маршалот, кога звукот на уривањето на старата држава веќе се слушаше – можеби можела да се очекува. Но тоа се претворило во садистички пир. Не се казнувал нечиј чин, туку зборот, слободната волја, гордоста: несекојдневниот, исклучителен талент. Некои сегашни претстави за тогашните настани звучат речиси идилично: правната процедура била во ред, партијата не дала миг, а камоли проглас и глас: но одгласот на тој молк – за чиј ефект Шишков добро знаел – одекнувал вечно. Пак испаднале виновни лошите пријатели, и самите врвни творци, а нели не оставило траги, цекато пак искубало глава, чунки ништо не презело, доволни биле машите… Во древна Атина една од најтешките казни била забраната да се оди в театар. Ристо Шишков бил казнет многу посурово: тој што бил некрунисан крал меѓу актерите, бил отстранет, макар за извесно време, од сцената. Навидум карпа, во душата ранлив, се запустил, и со времето – кога престанала забраната – самиот се довел во состојба да не може повеќе да игра. Самиот со сопствени раце си го извадил грцмакот тогаш кога веќе бил удавен. Тоа е местото каде што животот и играта се здружуваат. И тоа е единственото оправдание што животните факти се споменуваат во моментот кога треба да се зборува само за актерското мајсторство.
На симпозиумот што стана повод за цела книга, Јелена Лужина му даде на Шишков централно место, издвојувајќи го – зборувам според сеќавање – како врв што се крева над фолклорниот стил на Петре Прличко и постепено се спушта кон модерната стилизација на Ненад Стојановски, потцртувајќи ја со право експресивноста на неговата игра. И врз основа на она што јас го имам видено – макар се базирало и врз лоши филмови – основниот впечаток е тој: елементарна, но не стихијна, туку промислена бујност, она што е како дар најретко. „Дури сега ја сфаќам суштината на театарската игра“, кажал Пепи Сион, според Б. Ставрев, по една претстава на Зајдисонце од Исак Бабељ. Такви изјави бездруго имало многу. Познато е кои се култните претстави на Ристо Шишков и какви луѓе ги гледале по десетина пати. Од она што мене ми е познато, во склопот на животната целина – чиј централен дел е, барем за нас, играта што на животот му дава цврста форма, а со тоа и смисла – ми се наметнува сликата на нежна ранливост под грубата кора на една намуртена строгост. Секогаш барал перфекција, бил строг кон другите, како и спрема себе. Со својот цврст, темен, сигурен глас се надраснувал така што постепено ја создавал својата слика, најпрвин како став, како кулиса, како персона, а потоа како креација, како мајсторство на сцена. Тоа што се трошел не било поради недостиг од рационална контрола: вистинската уметност секогаш го подјадува животот – ако настанува од него, со што друго да се храни? Ги следел колку што е нужно советите на Станиславски, но не останал на тоа, свесен дека вистинитоста на исказот е над неговата секојдневна уверливост. Просто се нуркал кон таа вистинитост, следејќи ги скриените мисли и разгорувајќи ги претлеаните чувства, уверен дека тој може да зборува само со акцент, независно од советот на Артур Шопенхауер. Ја чул музиката на другите јазици и сфатил дека говорот на сцената е ист, само ако е таа доволно голема. Сакал да биде добар, најдобар од сите – како што некогаш, без вообичаен срам карактеристичен за тоа време, сакал да биде одличен ученик со сите петки – но тоа не му го дозволиле без ограничувања и докрај, ниту во градот каде што го заокружил своето актерско образование, ниту во матичната средина каде што сакал да служи, но не и да слугува. Знаел за моменти на слабост и за паничен страв, кога сцената зјапи како празна дупка, како гроб; имал моменти на возвишено вдахновение, кога се отвора небото и земјата станува мала како родна бавча, но знаел и што е тоа одземање на силата, кога октоподските смукалки на публиката незаситно го бараат она што веќе им е дадено. Со збор, во душата бил едноставен, обичен. Но, во согласност со древната традиција на својата професија, повеќе сакал да носи маска. Сликата што ја создаваме за себе е обврзувачка. Љубовникот мора постојано да биде подготвен. Од пијачот се очекува да испие шише стоејќи на рамка од прозорец, по углед на Пјер Безухов. Коцкарот не смее да заспие на маса.
На шегаџијата не му е дозволено да плаче ако му умрела мајката. Умниот не смее да биде глуп. Актерот треба непрестајно да му се пули на партнерот в очи. Тоа е над границата на можното. Сликата создадена од нас, пак, не е ништо спрема сликата што другите ја создаваат за нас, откако ќе нè снема. Кому му требаат обични? Кому му требаат колебливи? Кому му требаат плачковци? А што е најважно, кому му требаат бескорисни, такви што не се совпаѓаат со ликот и делото на понудената слика? Така се создаваат митови и легенди. Во тоа можеби има некоја смешна правда, како во детските претстави за хероите. Но уметноста е сериозно нешто, и во неа нема место за легенди, само за стварни луѓе. Навистина, што ќе било ако било? Невозможните средби да станеле можни, а испустениот живот исполнет и проживеан докрај? Да речеме дека е Ристо Шишков сè уште жив и дека токму сега доаѓа на својот фестивал, кој е во случајот туѓ, како гостин. Што се случува? Ни треба сценографија. Каллива улица, заумна вестерн-сцена од Мртвите души на Николај Гогољ. Се собрале артистите и театарските луѓе од цела Македонија да ја дочекаат легендата, непознатото име од значката на фестивалот, а кој им доаѓа – Ристо Шишков со торба в рака, нашаран, одвреме-навреме паѓајќи во калта: Каде си бе, Шиле, жив ли си – или само пијан од среќа што нè гледаш?
Митко Маџунков
Comments