top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Јубилејно 20. издание: „ОФФест“ е вакцина против мутациите на невкусот и шундот во Македонија

„Jубилејно 20. издание на ‘ОФФест’ ќе го одбележат настапи на светски познати и признати музички уметници од Португалија, Словенија, Бразил, Камерун и Франција, како и едно ексклузивно, премиерно, претставување на свеж домашен проект. Исто така, програмата на ОФФест 2021 опфаќа и проекција на документарен филм посветен на кралицата на португалското фадо – Амалија Родригез, со чии неизбришливи сеќавања ќе биде обоено отворањето на фестивалот“, велат за весникот ВЕЧЕР од Скопскиот џез фестивал за годинешното издание на ОФФест кое ќе се одржи од денес до 13 ноември во Скопје.

„ОФФест“ започнува денес со документарец посветен на Амалија Родригез од 18 часот, во кино Фросина и концерт на дуото Лина и Раул Рефри, од 20 часот, во Националната опера и балет. „Сеќавањата на делото на големата португалска пејачка легенда Амалиа Родригез (1920-1999) ќе бидат оживеани со настапот на дуото Лина и Раул Рефри (Португалија/Шпанија) коешто испорачува модерно и надградено фадо, музика што ги надминува географските одредници, како и со проекцијата на документарниот филм „The Art of Amalia”, посветен на култната кралица на фадото“, посочуваат организаторите.

Втората фестивалска вечер е на 11 ноември, кога, од 20 часот, во НОБ ќе настапат триото „Широм“ од Словенија, а по нив и бразилски гитарист и композитор Кико Динучи. „Мистичниот минимализам, имагинарниот фолк и нескротливата музичка фантазија и вештина на ‘Широм’, во комбинација со апокалиптичната самба на извонредниот гитарист и композитор и воедно еден од најзначајните експоненти на современата бразилска музика Кико Динучи и неговата специјална гостинка Јусара Марсал ветуваат исклучително концертно доживување од највисок ранг“, истакнуваат од „ОФФест“.

Последната фестивалската вечер, на 13 ноември, пак, ќе ја означи македонскиот реномиран музички уметник, фронтменот на групата Фолтин, Бранислав Николов. Неодоливиот шарм, визија и поезија на Пијан Славеј, новиот проект на Николов публиката може да го проследи од 20 часот во НОБ. По него следува Блик Баси, камерунскиот гитарист и вокалист, со живеалиште во Париз, кој ги вкрстува африканските традиции, бразилската боса-нова и Мисисипи блузот, а кого весникот „Гaрдијан“ го нарече „еден од најинвентивните и најоригиналните африкански музички автори“.

На прашањето до организаторите на „ОФФест“ каков е интересот на публиката за ова издание, оттаму со одговор дека се задоволни. „Како и во случајот со неодамна завршениот 40. Скопски џез фестивал, интересот на публиката е огромен, а тоа најверојатно се должи на долгиот период на апстиненција од културни настани предизвикана од пандемијата, како и од презаситеноста и замореноста на публиката со неубавите нешта со кои што сме опкружени и што во континуитет ни се случуваат во нашето домашно секојдневие. ОФФест е една од најефикасните вакцини што Македонија ги поседува во справувањето со различните мутации и соеви на невкусот и шундот во нашата земја“, додаваат оттаму. (Н.И.Т.)



1 view

Yorumlar


bottom of page