Јубилејна изложба на дела на Ѓорѓи Зографски по повод 150 години од неговото раѓање во Чифте-амам
02.11.2021 Noemvri Vtornik
Јубилејна изложба на дела на Ѓорѓи Зографски по повод 150 години од неговото раѓање во Чифте-амам
„Ѓорѓи Зографски (1871-1945), 150 години од раѓање“ е насловот на јубилејната изложба која во организација на Национална галерија на Македонија ќе биде отворена на 3 ноември, со почеток од 19 часот во Чифте-амам. На изложбата ќе бидат претставени 50тина дела (икони и слики) од сите творечки фази на авторот кои се дел од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите Св. Пантелејмон, Св.Спас, Св. Димитрија и Успение Богородичино – Велес, како и на семејството Зографски и приватни сопственици.
„Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век е Ѓорѓи Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци, кој заедно со Димитар Андонов Папрадишки за првпат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство“, посочуваат од Национална галерија кон изложбата чии куратори се Славица Алексоска и Маја Неделкоска Брзанова.
Како што истакнуваат оттаму, во целокупната творечка активност на Зографски, црковното сликарство, особено иконописот е негова главна преокупација во која се наоѓал себеси, а истовремено наоѓал и сигурен извор за егзистенција на неговото семејство. „Неговата зографска активност започнала во тајфата на неговиот татко Јаков, во која заедно со необразовани и самоуки зографи сликал во духот на конзервативниот и конвенционалниот традиционализам користејќи ја семејната Ерминија, наследена од неговите претходници. На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство, главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов Папрадишки. Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887 година, како и во Софија е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото, кои позитивно дејствувале врз конечната определба кон обработката на теми со профана содржина. Портретот, како сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. ‘Портретот на Јаков Зографски’ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба. Еден од првите портрети што Зографски ги насликал во 1894 година е ‘Женскиот портрет’, со грижливо и педантно изведена пластичност на лицето, со маслинести тонови, освежени со руменило…Зографски насликал уште педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на видни личности од Македонија и Србија. Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа“, стои во најавата кон изложбата која посетителите ќе можат да ја видат до 26 ноември.
Comments