Јордан Плевнеш и Игор Мировиќ – годинашни добитници на меѓународната награда „Вавилон“
Македонскиот писател Јордан Плевнеш и Игор Мировиќ, поет од Војводина се годинашни добитници на меѓународната награда „Вавилон“ на Друштвото на писателите на Македонија.
Меѓународната книжевна манифестација „Вавилон“ ќе се одржи на 3 и 4 мај, а свеченото отворање ќе биде утре, со почеток во 11 часот во Свечената сала на ДПМ. Поздравна реч ќе има претседателот на ДПМ проф. д-р Христо Петрески, а беседа за Вавилон ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска, претседателка на Собранието на писателската асоцијација. Пред врачувањето на наградите „Вавилон“, беседи ќе бидат одржани за добитниците Мировиќ и Плевнеш. На македонските Културно-информативни центри во Њујорк, Софија, Истанбул, Тирана и Загреб, пак, ќе им биде доделено признанието „Македониум“. Ќе следува настап на истакнати поети од земјава и странство.
На 4 мај, пак, во галеријата Даутпашин амам во Старата скопска чаршија, со почеток во 11 часот ќе се одржи литературното матине „Вавилон- Поезија на реки од јазици“. Поздравна реч ќе има проф. д-р Дита Старова, директорка на Националната галерија, по што обраќања ќе имаат добитниците на наградата „Вавилон“ Мировиќ и Плевнеш.
Манифестацијата „Вавилон“ е меѓународна и традиционална, а годинава се очекува да има учесници од Македонија, Србија, Италија, Шпанија и други земји.
Comments