Јончевски: Шансата ќе ја бараме против Естонија
КОШАРКА – ПО ЖДРЕПКАТА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025 ГОДИНА
Како што е познато, македонската машка сениорска репрезентација се најде во групата Х, заедно со Литванија, Естонија и со Полска, во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) 2025 година. Ова е епилогот од ждрепката што се одржа во Минхен, Германија. Селекторот на македонската репрезентација, Александар Јончевски, има свое видување по ждрепката. – Реално не бевме многу оптоварени со ждрепката и кои репрезентации ќе ни бидат противници. Откако ги видовме групите, јасно ни беше дека ќе бидеме со три подоброрангирани репрезентации и дека шансите ќе ги бараме против следната подобро рангирана, во овој случај Естонија. Системот каде што една репрезентација е веќе домаќин и го има обезбедено учеството во завршниот дел е целосно непопуларен. Таква беше ситуацијата и во претходните квалификации, па ни е добро позната. И верувам дека овој пат ќе го искористиме тоа во наша полза – дециден е Јончевски. Што се однесува до противниците, селекторот има свој став. – Естонија ни е должник од тогаш, а секако ќе ги измериме силите и на претстојниот турнир во Талин каде што ќе биде домаќин. Литванија, секако, е главен фаворит, исто и Полска, која беше четврта на последното ЕП и згора на тоа има и одлична генерација играчи. Единствено на што се надеваме е да се појавиме во комплетен состав на сите ФИБА-прозорци што претстојат низ квалификациите, а каде што секој натпревар би бил одлучувачки – вели Јончевски. Во квалификацискиот циклус ќе настапат 32 селекции поделени во осум групи, од кои по три од секоја од нив ќе се пласираат на ЕП, освен групите во кои влегуваат кодомаќините на ова ЕП, кои веќе се квалификувани за финалната рунда. Од овие групи ќе има место само за најдобрите две селекции. Натпреварите ќе се играат во три прозорци, и тоа во периодот помеѓу 19 и 27 февруари 2024 година, 18 до 26 ноември 2024 и 17 до 25 февруари 2025 година. Г.И.
Comments