Јончевски: Останувам оптимист, можеме да бидеме први во групата, иако има уште многу да се игра
КОШАРКА – ВО ПРЕСРЕТ НА НОВИТЕ ДВА МЕЧА ОД ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025
Македонската машка кошаркарска репрезентација следниот месец ја очекуваат два нови натпревара од групата Д, во претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2025 година. На 10 ноември, Македонија треба да игра со Норвешка, а три дена подоцна со Данска. И двата дуела се играат во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија. Во групата Д е и Словачка. Само првопласираната репрезентација од секоја група ќе игра во квалификациите за ЕП 2025, а другите три ќе имаат дополнителна шанса. – Според она што го видовме досега, Норвешка останува наш директен конкурент за првото место. Се разбира, не треба да се отпишат Словачка и Данска, иако ги победивме во првиот циклус, а посебно Данска, која, иако има два пораза, во репрезентацијата го повика и најдобриот играч на евролигашот Виртуз Болоња, Габриел Лундберг. Ги анализираме Норвежаните во нивните досегашни репрезентативни настапи, но и индивидуално, во клубовите каде што настапуваат. Од она што го видовме отскокнува Харалд Фреј, младо момче што првпат игра европска кошарка, а претходно има солидни бројки со настапите во универзитетската кошарка во САД. За разлика од нас, тие имаат и неколку високи центри, кои можат да го подобрат квалитетот на нивната репрезентативна кошарка во Норвешка – вели селекторот Александар Јончевски.
Во првите два меча повредите беа присутни во македонските редови. – Повредата е релативна работа и никој не може да предвиди кога може да се случи таа, но да се надеваме дека нема да имаме такви проблеми, како минатиот пат. Викендот пред натпреварот со Норвешка, сите кошаркари од сите репрезентации играат во своите лиги. Ние на 7 ноември се собираме и до дуелот со Норвешка, а тоа се три дена, ќе тренираме заедно. Во каков состав и да настапиме, останувам оптимист во овие претквалификации дека можеме да бидеме први во групата, иако има уште многу да се игра. Можеби ќе решава токму тој последен дуел на гости со Норвешка следната година – вели Јончевски. Македонија во овие претквалификации, во првиот натпревар на гости против Данска славеше со 73-70, а на вториот во Скопје ја совлада Словачка со 79-75. Норвежаните ги совладаа на гости Словачка со 87-67 и дома Данска со 99-75, а во двата дуела доминираше Фреј, кој постигна 37, односно 26 коша. Г.И.
Comments