top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Јончевски: Имавме свои шанси, ама не успеавме да ги реализираме

Македонската кошаркарска репрезентација го доживеа првиот пораз во претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година и тоа од селекцијата на Словачка која не надигра во Левице со 82-73.

Ова беше средба во која не покажавме константност, имавме падови во играта кои противникот знаеше да ги искористи и да не совлада.

-На крајот на натпреварот, некако се се сведе на оној момент , кога при негатива од седум не успеавме да ја намалиме на потребните четири. Секако, многу порано го испуштивме чекорот со кој требаше да одиме кон успех, многу порано, на крајот на втора и цела трета четвртина, -рече селекторот Александар Јончевски и додаде:

-Факт е дека лошо го отворивме натпреварот, но и тоа дека некако се вративме во игра, и да поведеме. Меѓутоа од една непромислена, намерна лична грешка, во еден посед примивме дури шест поени, доволно Словачка да го врати водството. Во третата четвртина, не игравме така лошо, креиравме и имавме пет-шест отворени шутеви, но не ги искористивме, а Словачка нè казни преку расположениот Крајчовиќ, потоа и Бродзијански.

-Во последната четвртина, пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со ‘преземање’, и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но неколку одлуки, очигледни прекршоци, влијаеа на нашата концентрација. Со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, на клупа и на тренер, Словаците повторно ја преземаа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме, онака, што се вели со ладни глави, и да одиме понатаму, кон Осло. Се заедно гледано, овде во Левице, имавме свои шанси кои не успеавме да ги реализираме, -порача Јончевски.

Сега за Македонија следи дуел со Норвешка во Осло на кој можеме да го потврдиме првото место во групата и да обезбедиме пласман во главните квалификации.


0 views

Comments


bottom of page