Јовановски: Остануваме посветени на она за што сме дојдени
27.08.2021 Avgust Petok
НАКОВСКА-БИКОВА ГО ОДРАБОТИ ПРВИОТ ТРЕНИНГ ПРЕД НАСТАПОТ НА ПОИ 2020
Расположението во тимот е на високо ниво, се разбираме, соработуваме, подготвуваме тактики, сериозно ги одработуваме обврските, вели Јовановски, селекторот на параолимписката репрезентација на Македонија
По пристигнувањето на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио и аклиматизирањето по напорниот пат, единствената македонска претставничка на ПОИ 2020, стрелачката Оливера Наковска-Бикова го одржа и првиот тренинг. – Наковска-Бикова веќе го одработи првиот тренинг на две од трите стрелишта на кои ќе настапи на ПОИ во Токио. Ова беше прво тренинг-искуство на стрелиштето во Токио и потсетување на речиси исто такво во Лондон во 2012 година. Засега е добро, сѐ е онака како што треба. Расположението во тимот е на високо ниво, се разбираме, соработуваме, подготвуваме тактики, сериозно ги одработуваме обврските.
Функционираме, а тоа е најважно во моментов. Доаѓаат нови денови со нови предизвици. Остануваме посветени на она за што сме дојдени, а тоа е во најдобро светло да ги претставиме нашата држава и нашиот параолимписки комитет – вели Бранимир Јовановски, селекторот на параолимписката репрезентација на Македонија и тренер на Наковска-Бикова, кој додаде дека по долгиот пат, многуте часови чекање по аеродроми, како и петчасовната контрола за ковид-19 и на оружјето, што предизвикале сериозен замор, македонската експедиција се врати во потребниот колосек.
За Наковска-Бикова настапот во Токио ќе биде петти во низа на параолимписки игри. Таа на ПОИ во Лондон во 2012 година го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри. Наковска-Бикова во Токио ќе настапи идната недела, од вторник до сабота, во три дисциплини, и тоа воздушен пиштол од 10 метри, спорт-пиштол од 25 м и пиштол слободен избор од 50 метри.
Comments