Јовановски: Од Наковска-Бикова очекувам да се бори за медал
- Aleksandar Santovski
- Jun 9, 2021
- 2 min read
09.06.2021 Juni Sreda
МАКЕДОНИЈА СО ДВАЈЦА СПОРТИСТИ НА ПОИ ВО ТОКИО
Македонија засега има два претставника на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио (24 август-5 септември). Иако до почетокот на ПОИ остануваат повеќе од два и пол месеца, параолимпијците имаат веќе поставена агенда на подготовки за што поподготвени да го дочекаат настапот во Токио. – Покрај стрелачката Оливера Наковска-Бикова, универзална вајлд-карта за настап има и младата фрлачка во ѓуле, Елена Давитковска. Но ако на 9 јули бипартитната комисија му додели вајлд-карта на младиот македонски стрелец Александар Јовановски, тогаш тој ќе настапи на 31 август на ПОИ во дисциплината воздушен пиштол – мажи на 10 метри, оти неговата вајлд-карта по ранг е поголема од универзалната на Давитковска. Нашата федерацијата набави за стрелците електронска опрема, т.н. СКАТ-симулатори за тренирање во домашни услови, оти поради ковид-19 беа затворени салите за тренинг. Во план се неколку мини-подготовки во јуни, јули и во август. Треба да имаме и еден контролен настап на меѓународен турнир во Нови Сад (1-4 јули). Тука се и домашното првенство и двата купа, како и неколкуте интерни натпревари. На 24 август заминуваме за Токио – вели селекторот на македонската параолимписка репрезентација, Бранимир Јовановски. Оливера Наковска-Бикова ќе настапи во дисциплините воздушен пиштол на 10 метри (31 август), спорт пиштол на 25 метри (2 септември) и воздушен пиштол слободен избор на 50 метри (4 септември). Настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година таа го освои златниот медал со воздушен пиштол (10 метри). – Наковска-Бикова е докажана стрелачка и од неа очекувам да влезе во финалето и да се бори за медал. Ако настапи Јовановски, бидејќи е млад натпреварувач, очекувам пласман околу средина на табелата. Тој и Давитковска се наши големи надежи за ПОИ во Париз 2024 година – вели Јовановски.

Comments