Јовановски: Недостигаа три круга за влез во финалето
ПОИ 2021
Наковска-Бикова, која е и единствена македонска натпреварувачка на ПОИ во Токио, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри го освои шестото место, во спорт пиштол од 25 метри мешано беше деветта, а денеска ќе настапи во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор
Во дисциплината спорт пиштол од 25 метри мешано, по првите 30 истрели во прецизниот дел, со 290 круга, Оливера Наковска-Бикова беше второпласирана во конкуренција на 30 стрелци. По 30 истрели во брзиот дел од дисциплината со 274 круга, односно вкупно 564, таа се најде на чекор до големото финале од кое ја делеа само три круга, освојувајќи го на крајот деветтото место. Честитки за Оливера, одиме понатаму, денеска ќе се натпреварува во нејзината последна дисциплина на Параолимписките игри во Токио, малокалибарски пиштол слободен избор, изјави Бранимир Јовановски, селектор на параолимписката репрезентација на Македонија и тренер на Наковска-Бикова, во пресрет на нејзиниот денешен настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио.
Наковска-Бикова, која е и единствена македонска натпреварувачка на ПОИ во Токио, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри го освои шестото место во финалето и со влезот во финалето ги оправда очекувањата, каде што потоа нијанси одлучуваат за медалите.
Настапот во третата натпреварувачка дисциплина, ќе биде нова можност да се закити со еден од медалите. За Наковска-Бикова ова е петти настап во низа на ПОИ, петти пат во низа влегува во финале, а на ПОИ во Лондон, во 2012 година го освои златниот медал во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, што е доказ за еден континуитет на нејзините врвни спортски перформанси.
Comments