Јасикевичиус распали по ѕвездите на Барселона: Им недостасува професионалност и пожртвуваност!
Барселона влезе во последното „Ел Класико“ дерби со пет победи во низа против големиот ривал, но кога беше најпотребно, потклекна под притисокот и загуби од Реал Мадрид.
„Кралевите“ вчера направија пресврт во полуфиналето на завршниот турнир во Белград и се пласираа во големото финале во Евролигата, па поразот од 86:83 посебно тешко му падна на легендарниот Шарунас Јасикевичиус кој моментално е тренер на Барселона.
Литванецот не штедеше критики за своите кошаркари, односно посочи дека не го послушале кога и на плус 11 на паузата им велел дека не играат доволно добро за да се најдат во финалето.
– Дадовме 83 поени и тоа обично е доволно за победа во нормални услови со нашата одбрана. Но, Реал Мадрид ни даде 86 поени, од кои дури 52 во второто полувреме и тоа е неприфатливо. Се обидов да ги убедам играчите дека не играме добро и на полувреме, Реал промаши многу слободни шутеви и поради тоа имавме предност. Во второто полувреме продолживме исто и Реал Мадрид не казни.
– Ни недостасува професионалност и пожртвуваност, а тоа е огромно разочарување. Навистина сум многу разочаран, сметам дека сме подобар тим, но нема да играме во финалето, ќе играат тие. Ова е тешко за прифаќање, за нас и за навивачите. Ова ни се случи толку многу пати и веќе може да се заклучи дека овој тим е таков. Тим со голем талент, но тим кој не знае да убие ривали и да добие важни серии. Тешко ми е да го прифатам тоа, не е реално да примите 52 поени во едно полувреме, – изјави Јасикевичиус по „Ел Класико“ разочарувањето.
Comments