Јапонците се покажаа како одлични домаќини
Updated: Aug 10, 2021
09.08.2021 Avgust Ponedelnik
ЗАВРШИЈА ЛЕТНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ТОКИО
Јапонците направија огромна работа организирајќи ги Летните олимписки игри (ЛОИ). Среде пандемија што нема наскоро да престане, справувајќи се и со едногодишното одложување, недостигот од јавна поддршка и зголемениот број новозаразени со ковид-19, Токио успеа, се истакнува во написот што го пренесува Јаху. – Иако единствени и без преседан на многу начини, ова беа прекрасни ЛОИ. Моментите на кои бевме сведоци ќе го издржат тестот на времето – изјави извршната директорка на Олимпискиот и Параолимписки комитет на САД, Сара Хиршланд. Сите натпревари се одржаа, сите медали беа поделени. Само тоа е неверојатно достигнување и она што никој не можеше да го гарантира. И на крајот, само тоа е важно. Ова беше операција „вдишете длабоко“. Да, организаторите планираа, но никој не знаеше како сѐ ќе се случува. Таканаречениот „олимписки меур“ функционираше во најголем дел. Имаше редовни тестирања, имаше повремени позитивни случаи, некои спортисти беа инфицирани, но нарушувањето на целокупниот настан беше минимално. Немаше ширење на вирусот, интегритетот на натпреварувањето не беше нарушен. Сето тоа во распространетиот огромен град, во кој се одржуваа натпревар по натпревар, на 42 различни места, со различна форма и големина. На вода, во вода, во близина на вода, од центарот на градот до далечните предградија. Сѐ функционираше – протоколите, обезбедувањето, логистиката. Никогаш не е лесно со повеќе од 10.000 спортисти, меѓу кои многумина беа сместени во Олимпиското село, и со десетици илјади тренери, службеници, директори, медиуми и работници. А сите зборуваат на различни јазици, јадат различна храна, очекуваат различни удобности.
Многу локални жители не ги сакаа овие ЛОИ, што е разбирливо. Постоеше загриженост за ширење на ковид-19 поради луѓето што доаѓаа од секој агол на Земјината топка. Трошоците беа огромни, над 15,4 милијарди долари. Имаше многу фрустрации поради затворените ресторани, барови, продавница и други ограничувања додека се случуваше големата забава. Поплаките беа легитимни. Жештината беше речиси неподнослива на некои натпревари, но Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и неговите партнери од ТВ-компаниите бараа датумот за почеток на Игрите да биде кон крајот на јули. Она што беше под контрола на организаторите беа односот и способноста. Имаше многу работници, многу доброволци, полицајци, и сите беа неверојатно пријателски расположени и желни да помогнат. Повеќе од две недели тие ѝ беа максимално посветени на работата, од бришење маси, помагање на пешачки премини, до нудење пријателска насмевка. Посветеноста не можеше да се лажира. Тие само сакаа работите добро да се одвиваат, тие сакаа ова да функционира за Јапонија. Јапонија не ги доби Игрите што ги сакаше. Не ги доби туристичките долари, ниту парите од билетите, ниту преполните области за забава. Не беше воопшто забавно за локалните жители што навиваа на трибините. На телевизија и на социјалните медиуми тие низ светот не ја испратија сликата за модерна, чиста, пријателска, убава метропола. Но добија нешто друго, значајно, го покажаа духот на народот, да ја исполни задачата и да биде ефикасен во хаосот. Во најтешките околности, Јапонците блескаа.
Comments