Јана Бурческа со песната „Home alone“ се врати на музичката сцена
Јана Бурческа по шест години од учеството на изборот за песна на „Евровизија“ во Киев, Украина, каде што нѐ претставуваше со „Dance Alone“, ја сними песната со сличен наслов „Home alone“, за која е реализиран и интересен видео запис.
– Песната се работеше долго време, и е напишана за она што сите го чувствуваме, особено последно време, а тоа е стравот. Пораката е дека на крајот од денот многу полесно ќе ги пребродиме стравовите, отколку да ги прифатиме. Можеби некој ќе се препознае во мојот текст, што ми е и желба – ни рече Јана Бурческа на промоцијата, што се одржа вчера во впечатливиот простор наменет за аудиофилите во Скопје – „Аудиокултура“.
Таа дополни дека „Home alone“ првпат била промовирана во Шпанија, на евровизиска забава по изборот на шпанскиот евровизиски претставник и оти таа била задоволна од реакциите на публиката.
– Ова е почеток на поголем проект, а во каква форма ќе се реализира се уште нема да откријам. Инаку, благодрана сум и на целата екипа со која соработував, сите имаа многу трпение и се случи една чудесна размена на енергии – дополни Јана Бурческа.
Како автори на музиката се потпишуваат Драги Иванов и пејачката, а звукот на „Home alone“ е финиширан со мастеринг од германскиот платинест инженер на звук Рој Реклиз.
Песната доби и видеоспот режиран и реализиран од Ѓорги Вацев и како што вели Бурческа збир на млади ентузијасти и креативци: како дизајнерот Митко Занов, мејкап артистката Ивана Деловска, стилистот Елена Николовска, фотографите Лазар Зафировски и Петар Петковски, а свој автентичен придонес во креативата имаа и Елена Василева, Ангела Димитрова и Димитар Бабков.
Бурческа вели дека конечно се чувствува подготвено да ѝ се врати на музиката, а до следниот проект останува посветена на поддршка и промоција на своите колеги од сцената преку програмата на Македонската телевизија, поточно како водителка на музичката емисија „Стисни плеј“. М.Т.
Opmerkingen