„Јавна соба“ меѓу петте водечки европски дизајнерски платформи
08.04.2024 April Ponedelnik
Петте големи меѓународни дизајн-платформи и фестивали: „Скопје дизајн вик“ на „Јавна соба“ (Македонија), фестивалот „Миксер“ (Србија), „Дизајн Австрија“ (Австрија), „Вот дизајн кен ду“ (Холандија) и Центарот за дизајн од Барселона (Шпанија) се обединија за да го започнат амбициозниот проект насловен „Некст џен дизајн“, кој има цел не само да го поттикне учеството на младите туку и да поттикне промена на парадигмата и насочување кон циркуларен дизајн. Партнерството се појави како одговор на итната потреба да се поттикнат младите дизајнери на возраст помеѓу 18 и 35 години низ Европа да преземат активна улога во обликувањето одржлива иднина. Проектот е поддржан од Европската комисија и од Министерството за култура на Македонија, а директно се справува со нужноста за иновативно и амбициозно вклучување на младите во изнаоѓање долгорочни дизајни и иновативни решенија. За таа цел ќе бидат отворени меѓународни конкурси за дизајнерски решенија за сите млади дизајнери од Европа што ќе се реализираат во 2024, 2025 и 2026 година и ќе ги промовираат принципите на одржлива и циркуларна економија.
Соработката на петте меѓународни платформи за дизајн ќе понуди серија истражувања, отворени повици за дизајн-решенија и учество на европскиот дизајн-фестивали, работилници и резиденции во фабрики. Ова фестивалско партнерство означува значаен чекор за формирање на следната генерација дизајнери свесни за климатските промени во светот.
„Јавна соба“ е основана во 2007 година врз основа на бизнис-модел на социјални иновации и претприемаштво. Во 2011 година го иницираше годишниот фестивал „Скопје дизајн вик“ и ја користи оваа платформа за тесно поврзување на дизајн-секторот, бизнисот и образованието. Годинешното издание на фестивалот ќе се одржи од 6 до 10 ноември на две локации во Скопје.
Comments