„Ѕиркачот“ – изложба на Стефан Божиновски во МКЦ
27.10.2021 Oktomvri Sreda
Во Младинскиот културен центар вечер со почеток од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ѕиркачот“ на Стефан Божиновски. Отворањето ќе биде проследено со краток перформанс. “И чувствуваш како некој да е тука, и те гледа. Не го гледаш, но те гледа. Будно те следи, и… чека. Како сведок. Нем сведок на туѓо постоење. Живееме во општество во кое сите ние, на еден или друг начин, сме мета на постојано набљудување. Нашето постоење е нераскинливо сврзано со потребата за анализа, првично поттикната и во одредена мера испровоцирана од природната потреба за љубопитност и желбата што подетално да се истражи и осознае светот во кој егзистираме, да се разоткрие превезот на конфузија и загадочност постојано диктирани од страна на аналитичката страна од нашиот разум“, вели Ангела Витановска, историчар на уметноста, за изложбата на Божиновски. Божиновски е роден во 1999 год, во Битола, Р. Македонија. Моментално е студент на додипломски студии на Катедрата за графика (со модул Сценографија) на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Покрај матичната работа во областа на графиката, тој работи и во областите сликарство, фотографија, филм и театар. Во текот на студиите има учествувано на повеќе изложби, како изложбата на студентска графика „Драгутин Аврамовски – Гуте“ (најдобра студентска графика за академската 2020/21), изложбата Љубов во време на корона 2020 (со фотографија) и изложбата Одбиенале 2021. Од јули 2017 – август 2018 год. е дел од првата генерација на „Докуникулци“ школата за документарен филм на Македокс. Во неговото портфолио има и еден краток филм, „Тука сум“ (2021) (сценарист и режисер). Во текот на 2020 год. работи како дел од тимовите на повеќе научно-културни студентски проекти во соработка со студенти од повеќе факултети при УКИМ. Реализацијата на овој проект е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Изложбата во МКЦ ќе биде отворена до 7 ноември.
Comments