top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ѓоргиев: Почнуваме нов циклус, многу битен

22.07.2024 juli Ponedelnik

ОДБОЈКА – ВО ПРЕСРЕТ НА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2026

Одбојкарските репрезентативци на Македонија, под водство на селекторот Хари Наковски, тренираат во Маврово, во пресрет на почетокот на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година. По подготовките следуваат тест-мечеви во Црна Гора и во Швајцарија, потоа следува турнирот „Чајка“ дома, со уште два противника, а ќе има и дополнителен двомеч на домашен терен, информира Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ). Македонија во првите два квалификациски натпревари ќе игра со Грузија на гости, на 17 август, а потоа и со Грција, дома, на 25 август.– Почнуваме нов циклус, за ново натпреварување, квалификации за Европското првенство, кој го почнавме уште со Златната лига. Во селекцијата се врати Александар Љафтов и очекуваме да бидеме многу подобри со него и да имаме подобри резултати. Тој е искусен и беше еден од столбовите на репрезентацијата. Тој не играше во Златната лига и се забележа неговото отсуство. Сега се надевам дека со неговиот квалитет и залагање ќе добиеме една друга слика и подобра игра – вели Наковски, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија.По овие два меча, квалификациите продолжуваат во август в година. Првопласираните репрезентации од секоја од седумте квалификациски групи ќе настапат на Европското првенство во 2026 година, како и најдобрите пет меѓу второпласираните.

– Почнуваме нов циклус, многу битен, со оглед на тоа дека на минатото Европско првенство бевме домаќини, па не го чувствувавме тој притисок дека мора да се пласираме на европско првенство. Групата е по мера, но притисокот е кај нас. Меѓутоа, многупати сме покажале дека можеме и знаеме да играме добро под притисок. Мечевите со Грузија и со Грција годинава се круцијални за нашиот пласман на Европското првенство, бидејќи се надевам дека со две победи ќе успееме да обезбедиме пласман уште годинава. Нема да биде лесно, најважно е да бидеме здрави и живи и да можеме овие тешки подготовки да ги направиме одлично, без повреди. Мислам дека максимално подготвени ќе истрчаме на 17 август и првиот меч, со Грузија – вели капитенот Никола Ѓоргиев.Македонија неодамна го освои десеттото место во Европската златна лига, играјќи добро на натпреварите со репрезентациите на Белгија, Хрватска и на Шпанија. Црвено-жолтите се во низа од три настапи на континенталните првенства, откако македонската селекција играше на шампионатите одржани во 2019 година (17-то место), 2021-та (23-то место) и во 2023 година (16-то место, првпат пласман во осминафинале).

– Со оглед на тоа дека веќе трипати учествуваме на европско првенство, може да кажеме дека сме едни од фаворитите за повторно да оствариме пласман, на четврто последователно европско првенство. Мораме да го дадеме нашиот максимум, да се подготвиме добро. Ако здравствениот билтен биде како што треба, ако ги одработиме добро подготовките и овие два први меча, кои се многу битни за овие квалификации, сметам дека следната година само треба да го потврдиме учеството со победа над Грузија дома. Очекувам два добри натпревара, две победи со Грузија и со Грција. Нема да биде лесно, но тука сме да се бориме, да го дадеме максимумот и да оствариме пласман на четврто европско првенство по ред – вели репрезентативецот Владо Милев.Во составот се 14 одбојкари: техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Давид Стојанов, Ефтим Ричлиев. Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов. Примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Тоше Ефремов. Средни блокери: Филип Маџунков, Филип Савовски, Филип Лепидовски. Либера: Дарко Ангеловски, Костадин Ричлиев.Европското првенство во 2026 година ќе биде 34-то по ред. Директен пласман обезбедија домаќините на шампионатот, репрезентациите на Италија, Бугарија, Финска и Романија, како и осум селекции според пласманот на ЕП 2023, и тоа Полска, Словенија, Франција, Холандија, Србија, Украина, Германија и Португалија. Н.М.


0 views

Comentários


bottom of page