Ѓоргиев: Македонија не е фаворит, но ќе се обиде да триумфира
ОДБОЈКА- ФАЈНАЛФОР-ТУРНИР НА
ЕВРОПСКАТА СРЕБРЕНА ЛИГА
Во полуфиналето на турнирот во Будимпешта, Македонија утре се среќава со Финска, а Унгарија со Романија. Финалето и мечот за третото место се в недела. За Македонија ова ќе биде седми настап на фајналфор-турнирот (досега четири втори и по едно трето и четврто место). Победникот следната година ќе игра во Златната лига
Најдобрите македонски одбојкари заминаа за Будимпешта, на фајналфор-турнирот во Европската сребрена лига. Прв противник на Македонија (утре од 16 часот) ќе ѝ биде Финска, која ѝ е стар должник по победите на претходните два меча, на европските првенства во 2019 и во 2021 година (со по 3-1). Во второто полуфинале ќе се сретнат домаќинот Унгарија и Романија (од 19 часот). Финалето е в недела (19 ч.), како и мечот за третото место (16 ч.). Финците се 12-та одбојкарска сила на континентот според ранг-листата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Романија е 17-та, Македонија 24-та, а Унгарија е на 34-та позиција.
За Македонија ова ќе биде седми настап на фајналфор-турнирот во ова натпреварување, уште е без триумф, со четири втори и по едно трето и четврто место. Македонија, која е со подмладен состав, без тројца стандардни одбојкари од стартната шесторка, Александар Љафтов, Ристо Николов и Дарко Ангеловски, и без Костадин Ричлиев, кој се повреди, играше променливо во групата со Романија, Албанија и со БиХ. Забележа по три победи и порази и не се смета за фаворит за триумф во оваа конкуренција, иако се отворени сите опции. Унгарија ќе игра пред домашна публика, Романија има најбалансиран состав, а Финска, иако со речиси нов состав во споредба со оној лани од ЕП во Тампере, забележа две победи над Унгарија во групната фаза. – За нас е успех и пласманот на завршниот турнир. Не сме во улога на фаворити, можеби сме и аутсајдери, но кога сме веќе таму ќе се обидеме да триумфираме.
Финска има подмладен состав, со само двајца поискусни играчи, но доста се квалитетни, според она што го видовме на снимките од нивните натпревари со Унгарија. Сепак, најбитно ќе биде како ние ќе одиграме, се надевам на нивото како на мечевите со Романија и со БиХ – вели Никола Ѓоргиев, капитенот на македонската репрезентација и најдобриот поентер во групната фаза, со 148 поена на шесте натпревари.
Победникот во Европската сребрена лига следната година ќе игра во Златната лига и ќе добие парична награда од 50.000 евра.
Comments