top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Ѓоковиќ со специјалниот говор успеа да изнуди насмевка од расплаканиот Алкарас (Видео)

Новак Ѓоковиќ го доби „тенискиот ролеркостер“ со Карлос Алкарас и после три исцрпувачки сета ја освои титулата на Мастерсот во Синсинати, победа со која му се реваншираше за болниот пораз кој го претрпе во финалето на Вимблдон.

Иако беше во физички нокдаун и се чинеше дека ќе има потешкотии да го доигра мечот во вториот сет, Србинот се врати како феникс и успеа да ја преброди кризата, а откако го направи тоа, ги доби вториот и третиот сет во драматични услови во два тајбрејка.

Новак спасуваше и меч топка на Алкарас во тајбрејкот во вториот сет, но после толку падови и подеми во текот на мечот, тој имаше повеќе нерви во завршницата и го надмудри помладиот ривал.

Алкарас го претрпе најтешкиот пораз во својата кариера и плачеше веднаш по финалето, а и за време на говорот кога им се обрати на својот брат и на луѓето од тимот. Карлитос не штедеше комплименти за Ноле и му посочи дека е чест да се учи од таков голем шампион, но одличен во говорот беше и Новак.

– Ова беше навистина лудо, не знам што друго да кажам. Тешко е да се опише еден ваков меч, ова беше еден од најтешките мечеви во мојот живот. Не е битно за кој турнир станува збор, за кој ривал и за кое ниво. Ова беше како грен слем меч, беше неверојатно од почеток до крај. Двајцата минавме низ подеми и падови, се на се, еден од најтешките и највозбудливите мечеви од кои сум бил дел. Поради вакви мечеви и вакви моменти се уште играм и работам напорно секој ден, – изјави Новак.

– Морам да возвратам на почитта која ја покажа за мене. Секоја чест за Карлос и неговиот тим, сите останавме без зборови за тоа што го правиш на теренот и надвор од него. Ти честитам за се досега, многумина не успеале да направат толку работи во цела кариера, колку што направи ти за две години, – изјави Ноле, кој успеа да изнуди и насмевка од расплаканиот Алкарас.

– Дете, па ти никогаш не се откажуваш. Го сакам тоа кај тебе, но понекогаш би сакал да ми подариш некој поен, – му се обрати Новак на Алкарас, по што Карлитос му одговори со зборовите „Шпанците никогаш не умираат“.

– Шпанците не умираат? Да, сум го слушнал тоа, сум го почувствувал на своја кожа, – изјави Ѓоковиќ алудирајќи на епските пресметки кои ги имаше со Рафа Надал.





0 views

Comments


bottom of page