Ѓоковиќ подготвен за полуфиналето: Ќе применам неколку тактички промени
12.07.2024 Juli Petok
Новак Ѓоковиќ ќе игра против најголемото изненадување на Вимблдон во полуфиналето на турнирот, меч кој утре е втор на програмата на Централниот терен.
Лоренцо Музети прикажа најдобар тенис во досегашната кариера и првпат ќе биде дел од едно грен слем полуфинале, во кое не можеше да добие потежок и понезгоден ривал.
Од вкупно шест пресметки против Ноле, Музети има само една победа, па јасно е дека утре ќе мора да се надмине себеси за да го победи седумкратниот шампион на Вимблдон.
Ноле влегува како фаворит и полека заборава на повредата поради која паузираше неколку недели, но во најавата за мечот, најави дека подготвил и неколку тактички промени со цел да го изненади противникот.
– Подготовките одат во добар тек, добив ден плус за одмор поради откажувањето на Де Минор. Никогаш не е добро кога ривал ќе се повреди, но за мене тоа беше добро. Добив ден плус за одмор и не го оптеретив коленото. Коленото засега е добро, секееогаш велам засега, бидејќи не можам целосно да се опуштам. Не велам дека постојано мислам на коленото, но операцијата е свежа и мора да се биде претпазлив. Од стартот на Вимблдон не чувствувам болка, имаше само повремено во неколку наврати, но ништо загрижувачко.
– Фриц беше фаворит на хартија против Музети, но Лоренцо одигра одлично и победи во пет сета. Со него играв двапати на земја оваа година, на неговата омилена подлога. Но, оваа година игра добро и на трева. Играше финале во Квинс и сега полуфинале на Вимблдон. Сигурно ќе излезе со намера да победи и да даде се од себе. Сепак, јас знам што треба да направам, на тренинг работев на неколку тактички промени и утре ќе ги применам на терен. Се надевам на најдобар исход, – изјави Ноле за „Спорт Клуб“.
Comments