Ѓоковиќ откри колку време му било потребно за да го „проголта“ поразот од Алкарас
Новак Ѓоковиќ реши да го прескокне Мастерсот во Торонто за да добие подолг одмор од тоа што првично го предвидуваше, но и за максимално да се опорави од тешкиот предизвик кој го имаше на Вимблдон. Српскиот тенисер пристигна во Синсинати и го одржа првиот тренинг на Мастерсот кој ќе биде негова официјална подготовка за Ју-Ес Опен, а во разговорот со новинарите, откри колку време му било потребно за да го тргне од мисли поразот од Карлос Алкарас. Ноле не успеа да ја одбрани титулата на Вимблдон и загуби во драматичен меч во големото финале, но тој тврди дека поразот го заборавил веќе наредниот ден. – Тоа не беше прв, ни последен пат да загубам важен меч. Поради искуството минато на теренот, тој пораз го надминав за еден ден. Направив пауза поради тоа што ми требаше добар одмор и малку време со моето семејство. – Го направив токму тоа што ми требаше, сега се регрупирав и подготвен сум за новите предизвици кои следат. Затоа сум тука, да не бев мотивиран и гладен за титули, немаше да бидам тука. После долги години минати во тенисот, дојдов во ситуација да ги бирам турнирите на кои ќе настапувам, а сега навистина сакав да бидам во Синсинати. Тоа е најдобра подготовка за Ју-Ес Опен, – изјави Ѓоковиќ.
Comments