Ѓоковиќ за најтешкиот момент во кариерата: Ја изневерив својата филозофија!
14.03.2024 Mart Cetvrtok
Новак Ѓоковиќ рано испадна од Индијан Велс и доби шанса да разговара со американските новинари, а последното интервју го искористи за да се наврати на најтешкиот период во кариерата.
Светскиот рекет број еден ги урна сите најважни рекорди во последните три – четири години и ги надмина своите ривали Рожер Федерер и Рафаел Надал, но ситуацијата дефинитивно не изгледаше така идеално во 2018-та година.
Добро познато е дека Ноле во еден момент им соопштил на своите најблиски дека става крај на својата играчка кариера, но потоа бил премислен од најблиското опкружување, пред да се врати и да почне да победува како во најдобрите времиња.
Ѓоковиќ го заврши настапот на Вимблдон во 2017-та година и му предаде на Бердих со образложение дека има тежок проблем со лактот, а една година подоцна, мораше и да се оперира.
– Почнав да чувствувам болка во 2016-та година и тоа го влечев долго време. Отсекогаш сум бил против лекови за болка, но морав да ги земам за да играм, за да не ги изневерам фановите. Така ситуацијата стануваше се полоша и дојдов до точка да не можам да сервирам на Вимблдон, не можев да ја подигнам раката. Тогаш знаев дека е готово, знаев дека мора да направам нешто радикално. Избегнував операција по секоја цена, па не играв до крајот на сезоната.
– Пробав со различни методи, но повторно почувствував болка на стартот на новата сезона. Отидов во Австралија, а после тоа сфатив дека морам да направам операција. Го направив тоа и се вратив на тренинзите шест седмици подоцна. Плачев после операцијата, не затоа што ме болеше, туку поради тоа што се изневерив себеси, ја изневерив својата филозофија. Мојата филозофија беше секогаш да се избегне операција, но мојата мајка се обидуваше да ме убеди дека тоа што го направив е во ред. Се надевам дека тоа ќе остане единствената операциј која ќе ја направам во животот.
– После операцијата, имаше период во кој се чувствував како да го напуштам тенисот. Првпат после многу години испаднав од топ 20, играв најлошо што можам да играм, губев од тенисери од кои никогаш немав губено. Се чувствував бедно на теренот и почувствував дека тоа е момент да се повлечам. По поразот во Мајами, го собрав мојот тим и им порачав дека полека ќе почнам да се оддалечувам од професионалниот тенис.
– Мојата сопруга, мојот агент и сите во тимот побараа да размислам, да си дадам време. Главата ми беше жешка, загубив во Мајами и мислев дека сум тениски готов. Навистина сум благодарен што ги имав сите крај мене, тие ми беа најголемата поддршка и поради нив не се откажав. Кога ќе се навратиме назад, во вториот дел од истата година (2018) ги освоив Вимблдон и Ју-Ес Опен и се тргна на подобро, – се потсетува Ноле.
Comments