Ѓоковиќ за „GOAT“ дебатата: Нема да кажам кој е најголем…
14.10.2024 oktomvri ponedelnik
Српскиот тениски ас, Новак Ѓоковиќ не успеа во Шангај да дојде до 100. АТП трофеј во неговата кариера, но пласманот во самато финале говори дека се уште е на највисоко ниво и без континуирано да игра на турнирите.
Минатата седмица и Рафаел Надал стави крај на кариерата и сега остана активен само Ѓоковиќ од големата четворка во која беа уште Рожер Федерер и Енди Мареј. Според многу параментри, достигнувања Ноле е најдобар тениски ас на сите времиња, меѓутоа тој самиот не сака да се вклучува во „GOAT“ дебатата иако нема ништо против фановите, јавноста да се занимаваат со ова прашање.
-Мислам дека ова стана важно и присутно пред околу пет до седум години. Ако дебатата за тоа кој е најголем е нешто за што луѓето што следат тенис навистина ги интересира, јас го поддржувам. И ми се допаѓа. Нема да одам да кажам што мислам за тоа и кој е „GOAT“.
-Тоа оставам на народот да разговара. Морам да покажам почит кон претходните генерации, тенисот како спорт многу се развиваше и напредуваше, дури и самиот рекет се промени и затоа е многу тешко да се каже. Луѓето сакаат да дебатираат како некој како Бјорн Борг или Род Лејвер или Џон Мекинро би играл денес, или јас или некој друг. Никогаш нема да дознаеме.
-Чест ми е што сум дел од таа група, чест ми е што можам да се наречам ученик на историјата на тенисот и играта. И покрај тоа што сум ги видел многу пати, сепак секој пат ме фаќа морници кога ќе ги сретнам, тие легенди, -заклучи Ѓоковиќ.
Comments