Ѓоковиќ го освои 21-от гранлсем-трофеј и се доближи до Надал
Еден од најдобрите тенисери на денешницата, Новак Ѓоковиќ, по седми пат го освои Вимблдон (четврти пат едноподруго), со што стигна до неговиот 21-ви гранслем-трофеј во кариерата. Српскиот тенисер во финалето го победи Австралиецот Ник Кирјос со 4-6, 6-3, 6-4 и 7-6 по сетови, за три часа и четири минути игра. За Кирјос, пак, ова беше прво гранслем-финале во поединечна конкуренција.
Ѓоковиќ по мечот посочи дека Вимблдон за него претставувал инспирација за да почне да игра тенис.
– Не можам да опишам што значи овој трофеј за мене, мојот тим и семејството. Многупати сум кажал дека Вимблдон секогаш ќе биде најпосебниот турнир за мене. Токму овој гранслем-турнир ме инспирираше да почнам да играм тенис во малото планинско одморалиште каде што моите родители имаа ресторан. Имав четири и пол години кога го видов Пит Сампрас како го освои својот прв Вимблдон во 1992 година. И ги замолив моите родители да ми купат рекет. Мојата прва слика за тенисот е трева. И секогаш сонував да дојдам овде и само да играм на овој терен. А потоа, секако, да го оствариме детскиот сон и да го освоиме овој трофеј. Секоја победа е се повредна и посебна за мене. Тоа е огромна среќа – истакна српскиот тенисер.
Ѓоковиќ сега има еден гранслем-трофеј повеќе од Швајцарецот Роже Федерер, односно еден помалку од актуелниот рекордер Шпанецот Рафаел Надал, кои се неговите најголеми ривали.
Вкупниот награден фонд на Вимблдон изнесуваше 49 милиони долари, додека учесниците нема да добијат АТП-поени врз основа на оспоруваната одлука на АТП, воведена како одговор на забраната на турнирот за учество на тенисерите од Русија и од Белорусија.
Неизвесно е дали Ѓоковиќ ќе настапи на последниот гранслем-турнир сезонава, САД опен, бидејќи според американските прописи не е дозволен влез во државата на странци невакцинирани против ковид-19, со што ќе му биде потребна отстапка која може да ја побара организаторот, за да игра во Њујорк.
Comments