Ѓоко Ѓорчев в сабота ќе одржи концерт во Старата чаршија во Неготино
Под слоганот „Неготино за својата легенда и Ѓоко Ѓорчев за својот град“, в сабота со почеток во 19 часот, закажан е концерт по повод 32 години на македонската музичка сцена на македонскиот Том Џонс. Средбата со своите сограѓани, што ќе се одржи во прекрасниот амбиент на неготинската Стара чаршија Ѓорчев ќе ја започне со рефренот на прекрасната мелодија „Уште еден ден Марија“ од Мишо Ковач, со која тој победи на музичкиот натпревар „Најдобар глас“ 1970 година. Тој упатува покана до своите верни обожаватели да ја збогатат со своето присуство оваа вечер на спомени, со учество на многу гости, едни од најдобрите вокали во Македонија.
– И покрај долгото одложување на јубилејниот концерт по повод 30 години естрадна дејност, по две години, благодарение на група ентузијасти, мои сограѓани, пријатели и љубители на квалитетна и добра музика, овој настан, сепак, ќе се одржи и тоа на едно прекрасно место, боемската стара чаршија на Неготино. Особено се радувам што концертот ќе се случи на ова место, кое за мене и моите неготинчани чува во себе многу боемски приказни, многу историја и емоции, и со еден збор тоа е душата на градот. Ги поканувам моите фанови и сите љубители на убава песна да дојдат во сабота во Неготино на една повеќечасовна музичка дружба исполнета со многу емоции. Мои драги гости на концертот ќе бидат: Кате и членовите на групата „Соната“, Катерина Танева, Перо Христов, „Трио џентлмен“ и Трифун Костовски – изјави за „Нова Македонија“ пејачот Ѓоко Ѓорчев.
Сите што ќе присуствуваат на оваа незаборавна средба со песните на Ѓоко Ѓорчев, ќе можат уште еднаш да ги слушнат неговите познати хитови, со кои тој победуваше на македонските фестивали на забавна музика, познати светски евергрини, меѓу кои е и неговата омилена „Мy wаy“ од репертоарот на Френк Синатра, како и неколку оперски арии, што тој ги сними и маестрално ги отпеа во последните неколку години. Ми.М.
댓글