Ѓокица Лукаревски лауреат на фестивалот „Св.Јоаким Осоговски“
Updated: Oct 6, 2021
04.10.2021 Oktomvri Ponedelnik
„Вакви зборови за моето актерско творештво досега не сум доживеал. Чест ми е што сум дел од лауреатите на овој театарски фестивал“, изјави познатиот македонски актер Ѓокица Лукаревски, примајќи ја наградата како годинешен лауреат на 13. Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка.
Според Гоце Ристовски, познат театарски критичар и публицист, кој е дел од организацискиот одбор на фестивалот, Лукаревски е единствен меѓу актерите препознатлив по мултиталентираноста и мултислојноста во толкувањето на улогите од различни жанрови и по освојување на сцената дури и во драмските паузи. „Нешто што е особено својствено нему е што како мајстор на играта, на молкот и паузите умее да ја исполни сцената со своето психофизичко толкување на точката. Лукаревски е мајстор на импровизацијата, рече Ристовски.
Лукаревски ги почести присутните со интерпретација на „На гробот на Дениција” од Петре М.Андреевски што ја рецитирал на приемниот испит на ФДУ пред неговиот ментор Илија Џувалековски.
Comments