Што ѝ претстои на репрезентацијата: Македонија е „слободна“ до стартот на ЛН
Зад фудбалската репрезентација на Македонија е уште еден циклус квалификации во битка за Европско првенство. Тешката ждрепка придонесе нашиот национален тим да заврши зад Англија, Италија и Украина во групата, а само пред Малта. Иако имавме свои шанси, ги пропуштивме против Украинците, за подобар пласман и можеби битка за второто место. Циклусот го красат двата реми исходи против Италија и Англија по 1-1 на „Тодор Проески“, а покрај нив запишавме две победи над Малтежаните. Сепак, негативност за циклусот се високите порази од гигантите. Англија во Манчестер нè декласира со 7-0, додека од Италија загубивме со 5-2 во Рим.
Договорот на Благоја Милевски истече со последниот меч против Англичаните, а за неговата иднина и натаму се дебатира, размислува и нема официјална одлука. Каков и да е исходот на оваа ситуација, дали со Боби на клупата или со некој друг, Македонија е „слободна“ од официјални натпревари до септември следната година. Во март и јуни „рисовите“ се очекува да одиграат четири пријателски натпревари, пред стартот на Европското првенство.
fudbal-ln-makedonija-bugarija-1.jpg
Во септември пак, стартува новото издание на Лигата на нациите. Македонија во претходното издание целосно потфрли и заврши зад Грузија и Бугарија, па потребно е кревање на формата. Во Ц лигата освен Македонија во моментов се Романија, Шведска, Ерменија, Луксембург, Азербејџан, Косово, Бугарија, Фарски Острови, Словачка, Северна Ирска, Естонија, Латвија и Русија за која е непознато дали ќе игра, а слободни се уште две места. Ждрепката за следната Лига на нации е закажана за осми февруари во Париз.
По настапот во најновото натпреварување на УЕФА, од март 2025 до март 2026 година траат квалификациите за следното Светско првенство кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Во моментов не е познат датумот за извлекувањето на квалификациската група.
Σχόλια