Што ќе нè смири сега ако не книгата – саемот е отворен!
„Очигледно, интересот за книгата е голем, а со тоа и за Саемот како настан. На штандовите се забележуваат многу млади читатели. Посебна олеснителна работа е тоа што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) пушти автобуски линии до Саемот, што е, исто така, за поздравување. Затоа мислам дека ги имаме сите услови за одлична посетеност“, изјави за весникот ВЕЧЕР Бојан Саздов од издавачкиот центар „ТРИ“. Од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, во рамките на 34. издание на Саемот на книгата, љубителите на пишаниот збор имаат можност да се запознаат со најновите изданија на над 60 издавачки куќи од земјава и од странство
„Не ни беше тешко да ја преместуваме манифестацијата, да ја организираме под маски, со сертификати, но во овие времиња не е важна формата, сега е важно манифестацијата да опстои! Со книга може да ги победиме сите премрежиња. Треба да бидеме смирени и да продолжиме! Што ќе нè смири сега ако не книгата? Ова не е само саем на книгата, ова е пркос на сите обиди систематски да ни се подјаде духот! Ова е отпор кој ја брани цивилизацијата!“, истакна, меѓу другото, Даниела Глигоровска, извршна директорка на „Глобал медиа груп“, организатор на 34. издание на Саемот на книгата, на кој од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, љубителите на пишаниот збор имаат можност да се запознаат со најновите изданија на над 60 издавачки куќи од земјава, како и од Турција, Србија, Косово и од Албанија. Во рамките на саемските денови се одржуваат и низа промоции на дела од македонски, но и од странски автори.
„Најдобрите хроничари и сведоци на овие тешки времиња ќе бидат токму книгите испишани од оние што умеат со зборот. Иако ковид-19 им зададе сериозен удар и ним и на издавачите, верувам дека со наша поддршка и помош заедно ќе се подигнеме и ќе се издигнеме. Така го доживувам и овој настан, кој за свој сојузник го има и ќе го има Министерството за култура“, посочи на отворањето на Саемот министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Фокусот годинава е ставен на детската литература, односно на привлекувањето на најмладите читатели. Иако, според претставниците на издавачките куќи, допрва се очекуваат посетители, сепак, тие велат дека има заинтересирани читатели, кои уште првиот ден ги побарале новите наслови на штандовите на Саемот.
„Посетеноста на штандовите во однос на изминатите години е според очекуваното, дури и подобра, така што сме оптимисти. Очигледно, интересот за книгата е голем, а со тоа и за Саемот како настан. На штандовите се забележуваат многу млади читатели. Посебна олеснителна работа е тоа што Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) пушти автобуски линии до Саемот, што е, исто така, за поздравување и помага за поголема посетеност и за тоа Саемот да биде попристапен. Затоа мислам дека ги имаме сите услови и ќе има одлична посетеност. Поради штрајковите, организирањето посети од училиштата е отежнато. Одлично се посетени промоциите и средбите со авторите. Тие го прават Саемот уште поинтересен, покрај книгите и попустите. И во тој дел сме особено насочени, да овозможиме и вакви искуства“, вели за весникот ВЕЧЕР Бојан Саздов од издавачкиот центар „ТРИ“.
Под слоганот „По книгата денот се познава“, со промоции на книги за деца, денови на Хари Потер и на Шерлок Холмс, на Саемот на книгата се претставува и издавачката куќа „Арс ламина“. Денешната програма (5 мај) на оваа издавачка куќа почнува во 12 часот, со работилница за деца инспирирана од новите боенки на кои се црта со отпечатоци од прсти – Fingerprint Art. Во 18 часот ќе биде промовирана новата сликовница „Игра со придавки“ на Оливија Георгиевска. Во чест на Денот на македонската азбука и на македонскиот јазик (5 мај), издавачката куќа „Арс ламина“, во 19 часот, на главната саемска бина ја организира трибината „Македонски книжевни класици – подарок за поколенијата!“. Во фокусот на настанот ќе биде едицијата „Македонски книжевни класици“ во рамките на која „Арс ламина“ реобјави дел од творештвото на книжевните великани Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ…
Во текот на денешниот ден, на штандот на турските издавачи, од 15 часот ќе биде промовирана книга од Изет Ибрахимсојлу, во 17 часот е промоцијата на книгата „Само бог простува“ од Анде Јанков во издание на „Антолог“, а во 18 часот на книгата „Заспаниот град“ од Мартин Вопенка од Чешка, во издание на „Бата пресс“. И в петок, исто така, ќе се одржат низа настани, па така во 10 часот дел од програмата е „Работилница – наука за деца“ од Драгана Стикова. Во текот на денот, во 12 ч., ќе биде промовирана книгата „Раскази без патокази“ од Ели Маказлиева („Едука мак“), потоа едицијата „Меридијани“ на „Феникс“ (14 ч.) и „Италијански приказни“ од Итало Калвино и „Приказна за изгубеното девојче“ од Елена Феранте („ТРИ“) во 18 ч. В сабота, во 11 ч., ќе биде промовирана едицијата „Учење низ игра“ („Феникс“), потоа, во 12 ч. книгата „Природата на свеста“ од Руперт Спајра („Концепција“) и „Внимавај кој волк го храниш“ од д-р Кенан Црнкиќ („Топер“) во 13 ч.
Саемот на книгата ќе биде отворен за посетители до 9 мај, од 10 до 20 часот. (Д.Т.)
Comments