Шпанскиот суд започна нова истрага против Шакира
Шпанскиот суд соошти денеска дека отворил нова истрага против колумбиската музичка ѕвезда Шакира, во врска со наводната даночна измама на приход и додадена вредност во 2018 година.
Судот во североисточниот град Есплугес де Љобрегат, во близина на Барселона, не даде други детали во изјавата, пренесе Ројтерс.
Се очекува на крајот на годината на познатата пејачка да ѝ се суди во друг случај што се однесува на 14,5 милиони евра заостанати даноци кои ги должи за периодот од 2012 до 2014 година.
Во тој случај, обвинителот бара затворска казна до осум години против 46-годишната ѕвезда чие целосно име е Шакира Изабел Мебарак.
Адвокатскиот тим на Шакира соопшти дека ќе даде коментар подоцна во текот на денот.
Инаку, државното обвинителство на Барселона пред две години ја обвини пејачката дека не платила вкупно 14,5 милиони евра данок во Шпанија во периодот од 2012 до 2014 година. Пејачката, пак, ги негираше овие обвиненија.
Comments