top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Шпанија за првпат на светскиот трон

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ЗА ФУДБАЛЕРКИ

Женската репрезентација на Шпанија е нов светски првак фудбал, откако во големото мундијалско финале одржано во Сиднеј, Австралија, минимално со 1-0 ја совлада соодветната селекција на Англија и за првпат во својата историја го подигна шампионскиот пехар. Единствениот гол во 29-та минута го постигна Олга Кармона Гарсија. Англичанките, кои патем се актуелни европски прваци, иако создадоа неколку зрели шанси, сепак не успеаја да дојдат до толку посакуваниот израмнувачки гол. Во вторите 45 минути, Шпанија имаше можност да го зголеми водството на 2-0, но Џенифер Хермосо не успеа да го искористи досудениот пенал (поради играње со рака), англиската голманка Мери Ерпс успеа да го одбрани нејзиниот удар и да ја продолжи неизвесноста. Шпанките се моментно шесторангирани на листата на ФИФА и официјално сега го изедначија успехот на нивните машки колеги, кои ја освоија светската круна во 2010 година на Мундијалот во Јужна Африка. – Тешко е да се опише како се чувствувам. Во секој случај многу сум среќен, целиот тим го заслужи ова што го направивме тука. Радоста може да почне – кратко прокоментира селекторот на Шпанките, Хорке Вилда. Третото место го освои репрезентацијата на Шведска, која ден претходно со 2-0 го совлада домаќинот Австралија во мечот што се одигра во Бризбејн. Најуспешна репрезентација на мундијалите досега се САД, со четири први места (1991, 1999, 2015, 2019), а следува Германија со две (2003 и 2007), додека Норвешка (1995), Јапонија (2011) и Шпанија (2023) имаат по една освоена титула. Г.И.


2 views

Comments


bottom of page