top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Шпанија е на два чекора до постигнувањето на Шведска

27.01.2022 Januari Cetvrtok

РАКОМЕТ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

На 15. Европско првенство (ЕП), во Унгарија и во Словачка, бранителот на титулата, селекцијата на Шпанија, се пласира во рекордното 10-то полуфинале и ќе има можност да израмни и еден рекорд на Шведска, која единствена има три европски титули во низа (само Шведска и Шпанија успеале да одбранат титула). Шпанија победи на ЕП 2018 и на ЕП 2020. Шведска, пак, ќе игра за нов рекорд, петта титула, прва по 20 години (шампион на Европа беше во 1994, 1998, 2000 и во 2002 година). Полуфиналињата се играат утре, Шведска ќе игра со победникот на групата 1 (Данска или Франција), а Шпанија со второпласираната селекција од таа група (Данска, Франција или Исланд). Шпанија шести пат во низа е во полуфинале на ЕП (рекордер е Хрватска со седум полуфиналиња по ред, од ЕП 2004 до ЕП 2016) и четврти пат на четири претходни големи турнири. Шпанија на ЕП 2020 освои злато, а лани две бронзи, на Светското првенство (СП) и на Летните олимписки игри (ЛОИ). Во споредба со минатото ЕП, во 2020 година, само Шпанија и тогаш и сега е полуфиналист (пред две години меѓу четирите најдобри репрезентации беа и Хрватска, Норвешка и Словенија). Шпанците, исто така, ќе играат директно и на СП 2023, заедно со Данска, која е актуелен бранител на светската круна, како и домаќините Полска и Шведска. Шпанија е прва репрезентација во историјата со вкупно 10 полуфиналиња на европските првенства.

Мало изненадување направи најтрофејната селекција на континенталните првенства, Шведска (четири златни медали), која во крајно драматичен и неизвесен меч со неверојатен резултат од 5-0 во завршницата, ја победи фаворизираната Норвешка со 24-23, иако на полувремето губеше со 9-14. Последниот шут на мечот, на Норвежанецот Сандер Сагосен (рекордер според бројот на голови на едно ЕП, 65 во 2020 година), не ја погоди противничката мрежата и Норвешка така остана без можност да игра за медал, откако на ЕП 2020 година ја освои бронзата. Останува уште неизвесно кој од групата еден (Франција или Исланд), покрај актуелниот двократен светски првак Данска, ќе игра во полуфиналето, а со тоа и ќе има шанса за еден од медалите. Решавачки беа вчерашните натпревари од таа група, Црна Гора – Исланд, Холандија – Хрватска и Данска – Франција.


1 view

Comments


bottom of page