Шоуто на Елен Деџенерис заврши по 19 сезони
Шоуто на Елен Деџенерис, ТВ-емисија што ги забавуваше гледачите, уриваше стереотипи и беше домаќин на големите ѕвезди, дојде до својот крај синоќа по речиси две децении, 19 сезони и повеќе од 3.000 епизоди. Холивудски ѕвезди често гостуваа во нејзиното ток-шоу, кое стекна популарност во поконзервативните делови на Америка. Нејзина прва гостинка беше актерката Џенифер Анистон, која исто така се појави во финалето во четвртокот. По успехот како комичарка во 80-тите, Деџенерис се прослави со серијата „Елен“ (1994-1998), а во 1997 година стана прв главен лик од ТВ-серија што ја призна својата хомосексуална ориентација. Популарното ток-шоу почна да го води во 2003 година. „Елен го отвори патот. Таа веројатно беше, а можеби и сè уште е, најпознатата ЛГБТК-личност во Америка“, изјави Мери Марфи, вонредна професорка по новинарство на Универзитетот во Јужна Калифорнија, за АФП. Шоуто веќе не е предизвик за неа, вели Елен. „Кога го почнавме шоуто во 2003 година, не постоеја социјални мрежи. Истополовите бракови не беа легални“, изјави Деџенерис минатиот месец по снимањето на последната епизода од серијата, која се емитуваше во четвртокот вечерта. „Гледавме како се менува светот, понекогаш на подобро, понекогаш не“, додаде таа.
Comments