top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Шишевскиот манастир во Матка е магично место што влева мир

Алесио Ликуори, планинар и автор

Во рамките на Неделата на италијанскиот јазик во светот, која оваа година е посветена на одржливоста, Амбасадата на Италија имаше промоција на книгата- водич „Северна Македонија – природа, планинарство и култура“ на Алесио Ликуори, посветена на природните и културните убавините на Македонија. Ликуори е алпинист и планинар, од 2017 до 2021 година бил ангажиран во италијанската амбасада во Скопје. Во моментов е во Виена, во парламентарното претставништво на Италија во Обединетите нации.

Какви беа вашите први впечатоци од Македонија, како ја осознававте за време на вашиот престој тука? – Почнав да ја истражувам земјата речиси веднаш, од првиот ден кога пристигнав во Скопје, отидов на Водно и потоа на Матка да се искачувам. Планинарењето и качувањето заедно со велосипедизмот се мои големи страсти. За мене беше нормално да истражувам нова територија, толку интересна за оние што ја сакаат природата. Нема ништо постимулативно за оние што ги сакаат активностите на отворено од тоа да се најдат на нова и неистражена територија. Како што кажав, практично сум бил секаде на македонската територија. Често сам, понекогаш со моите пријатели од македонската планинарска федерација и други со кои одев на планина и возев велосипед. Ги споменав и им се заблагодарив на сите во водичот. Што ве поттикна да направите книга водич за Македонија и нејзините природни убавини и реткости? – Ја напишав книгата затоа што досега сè уште никој не го направил тоа! Органски водич за активности на отворено не постоеше, ниту на италијански ниту на други јазици (англиски, германски, француски…). Живеев во Скопје повеќе од четири години и пропатував низ голем број патеки низ македонската територија. Направив стотици фотографии. Мислам дека пишувањето на книгава беше и најдобриот начин да се збогувам со оваа земја, која ќе остане дел од мојот живот. На какви убавини сакавте да им укажете на читателите, каква Македонија да им прикажете? – Се обидов да им ги прикажам на читателите некои од најзначајните маршрути за истражување, за да дадам идеја за големото богатство на пејзажи на оваа територија. Маршрутите ги покриваат речиси сите региони на земјата и секогаш се поврзани со посети на историски места, манастири, споменици, археолошки локалитети и културно наследство воопшто. Идејата е дека пред или по екскурзии во природа, „зелениот“ турист мора да се посвети и на откривање на историските и културните аспекти. Пешачењето треба да биде начин за истражување не само на природата туку и на културата. Што поточно опфативте со книгата водич? – Водичот вклучува над 30 маршрути пеш, со велосипед, со кану, на скии, на чизми за снег, како и опис на сите места за искачување и сите планински засолништа во Северна Македонија. Опишани се практично сите планински масиви во земјата, националните паркови, езерата, различните природни средини низ македонската територија. Кому му е посветена и наменета книгата? – Книгата им е посветена на италијанските патници и планинари, за да ги поттикне да ја откријат Северна Македонија, толку убава, толку блиска, а сепак толку малку позната. Затоа е напишана на италијански, но подготвуваме превод на англиски, а можеби и на македонски. Достапна е на веб-страницата на издавачката куќа: www.edizionidelgransasso.it. Кој дел од Македонија ви е најфасцинантен? – Има многу места „што ми се при срце“ во оваа земја. Може да ги споменам пелистерските шуми, корапските долини и националниот парк Маврово, ледничките езера на Шар Планина, висорамнината Бистра, островот Голем Град во Преспанско Езеро и многу други. Но, кога би требало да изберам само еден, би рекол манастирот „Свети Никола.

Шишевски“ во Матка: магично место, каде што задоволството од искачување и да се биде во друштво е комбинирано со уникатна атмосфера, натопена во историја, која влева мир и чувство на рамнотежа.



0 views

Comments


bottom of page