Шифрин е на 16 „чекори“ до рекордот на Стенмарк
25.10.2021 Oktomvri Petok
ПОЧНА СЕЗОНАТА ВО АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Aмериканката Микаела Шифрин победи на првата велеслаломска трка сезонава во Светскиот куп (СК) што се одржа во Зелден, Австрија. Втора беше Швајцарката Лара Гут-Бехрами, а трета Петра Влхова од Словачка. И покрај строгите мерки, медицински и безбедносни протоколи, трката околу патеката ја проследија околу 16.000 луѓе.
– Многу е важно добро да се почне сезоната, затоа сум многу среќна. Ми беше задоволство да скијам, патеката беше одлично подготвена, беше прекрасно да се скија на неа. Супер среќна сум, се вратив да победам тука по толку години – изјави Шифрин.
По традиционалната пауза по првата трка, Светскиот куп продолжува во ноември со трките во Лех/Цирс (Австрија). Во Зелден вчера на програмата беше трката за мажи во велеслалом.
Шифрин е третата во алпското скијање со 70 победи во СК во кариерата. Поуспешни се само Швеѓанецот Ингемар Стенмарк со 86 и нејзината сонародничка Линдзи Вон, со 82 победи. За Шифрин ова беше 13-та победа во велеслалом, која дојде седум години по првата, на истото место, во Зелден, откако тогаш го сподели првото место со Австријката Ана Фенингер. Шифрин со триумфот на отворањето на 56-та сезона во Светскиот куп има најмалку по една победа 10 години по ред во Светскиот куп и е првата скијачка што победила барем на една велеслаломска трка шест сезони во низа.
– Седумдесет победи, неверојатно е, ова е големо достигнување, горда сум, многу ми значи. Но главната цел тука ми беше добро да скијам – рече Шифрин.
НАЈМНОГУ ПОБЕДИ ВО СВЕТСКИОТ КУП
Ингемар Стенмарк (Шведска) 86
Линдзи Вон (САД) 82
Микаела Шифрин (САД) 70
Марсел Хиршер (Австрија) 67
Анемари Мозер-Прел (Австрија) 62
Comments