Ширер: Фудбалот треба да се разбуди
03.12.2020
Алан Ширер смета дека „фудбалот треба да се разбуди“ за протоколите за потрес на мозокот, а менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, вели дека воведувањето замена на играч што има потрес на мозокот „има смисла“, пишува „Би-би-си“. Давид Луиз играше со крв што му се пробиваше низ завојот на главата во дуелот на Арсенал со Вулверхептон. Арсенал соопшти дека биле следени протоколите во врска со одлуката да му се дозволи на Луиз да игра по инцидентот во неделата. Дефанзивецот на Арсенал се судри при еден скок со напаѓачот на Вулверхептон, Раул Хименез, кому потоа му беше извршена и операција поради скршеница на черепот, пишува „Би-би-си“. – Мислам дека целата грижа е многу важна. Тоа е дел од телото на кој треба да посветиме особено внимание. Кога има удар во главата треба да има замена, без разлика дали играчот може да продолжи. Може да се чувствува добро, но потоа може да ги почувствува последиците – вели голманот на Манчестер сити, Едерсон Мораеш, кој ја повреди главата во 2017 година. Ширер, сега фудбалски експерт на „Би-би-си“, вели дека мора веднаш да се преземе акција за проверка на протоколите за потрес на мозокот за да се заштитат играчите. Поранешниот капитен на Англија неодамна презентира документарен филм на „Би-би-си“ за деменција и е свесен за ризиците со кои се соочуваат играчите при повреда на главата.
– Фудбалот треба да се разбуди, да стане сериозен. Не следната година, следниот месец, туку сега. Не е прифатливо вака, ова трае многу долго. Тука зборуваме за доброто на играчите. Протоколите во фудбалот дозволуваат некој што има исеченица да продолжи да игра, а по 20 минути мора се повлече затоа што не може да ја удри топката со глава. Крикетот, НФЛ, рагбито сите имаат подобри протоколи. Се обидуваат со тест-период за замени при потрес на мозокот. Што има тука за тестирање? Тоа трае со години. Тоа не е прифатливо. Имавме само состаноци и состаноци. Зошто им е потребно нешто да тестираат? Едноставно направете го тоа сега. Ако потоа работите треба да се сменат, сменете ги – вели Ширер, пренесе „Би-би-си“. Запрашан на прес-конференција дали би бил за замена со нов играч при потрес на мозокот, Клоп рече: – Во тој момент не размислував за промена на правилото, само седев со надеж дека и двајцата ќе станат без никакви проблеми, но тоа не се случи. Се надевам дека Хименез е многу подобар сега. Им посакувам сѐ најдобро нему и на Луиз. Знам дека имаме протоколи за потрес на мозокот и мошне сум сигурен дека Арсенал го стори тоа. Не сум сигурен дека некое правило би помогнало во тој момент, бидејќи играчот може да игра понатаму. Но да, има смисла, се разбира дека можеме да направиме вакви работи.
Comments