Ширер: Ливерпул има предност, но Сити останува мој прв фаворит за титулата
02.04.2024 April Vtornik
Ремито на Манчестер Сити и Арсенал за многумина значи дека сега Ливерпул е фаворит број еден во Премиер лигата, но таков став не дели легендарниот Алан Ширер.
Поранешниот англиски напаѓач во својата најнова колумна ја истакнува предноста на „црвените“ на табелата, но сепак го задржува мислењето дека најблиску до трофејот останува Манчестер Сити.
– Во моментов Ливерпул има предност, јасно е дека ни Арсенал нема да се откаже, но на девет кола до крајот, се уште му давам предност на Сити.
– Тоа чувство не е базирано на актуелната форма на тимот на Пеп. Сити е во серија од 23 натпревари без пораз во сите натпреварувања, но се уште не ја достигнал посакуваната форма и изминатиов период имаше неколку загрижувачки изданија.
– Гвардиола сигурно е загрижен што неговиот тим не успеа да победи против Топ 5 екипа во шест обиди сезонава, мора да ја искористат шансата да го променат тоа против Астон Вила во среда.
– Не смеат да дозволат да загубат нови бодови, па ќе треба да се соочат со екипата која им го нанесе последниот пораз во декември на многу подобар начин. Она што е предност на Сити е што има искуство од вакви ситуации, Пеп и неговите фудбалери знаат дека има уште многу натпревари до крајот. Тие беа мој избор за фаворит за титулата на почетокот на сезоната и не планирам да го менувам мислењето сега, – вели Ширер.
Σχόλια