Шејмус Мекгарви: Мило ми е што го открив фестивалот „Браќа Манаки“ – вистинска прослава на филмот
На свеченоста на затворањето на 44. издание на фестивалот „Браќа Манаки“, што се одржа викендов, на сцената во Центарот за култура во Битола, „Златната камера 300“ во главната селекција ја добија турските кинематографери Џевахир Шахин и Куршат Уресин за филмот „За сувите треви“, „Сребрената камера 300“ му беше доделена на Ченгма Жијуан за филмот „Само реката си тече“, а „Бронзената камера 300“ му припадна на Паоло Карнера за остварувањето „Носталгија“
Наградата „Златна камера 300“ во главната селекција на годинашното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ ја добија турските кинематографери Џевахир Шахин и Куршат Уресин за филмот „За сувите треви“, „Сребрената камера 300“ му беше доделена на Ченгма Жијуан за филмот „Само реката си тече“, а „Бронзената камера 300“ му припадна на Паоло Карнера за остварувањето „Носталгија“. Во главната селекција, му беше доделено посебно признание на Наум Доксевски за македонскиот филм „Домаќинство за почетници“, на режисерот Горан Столевски.
Џевахир Шахин и Куршат Уресин, добитници на „Златна камера 300“ во главната селекција
На свеченоста на затворањето на фестивалот „Браќа Манаки“, што се одржа викендов, на сцената во Центарот за култура во Битола, кинематограферите Џевахир Шакин и Куршат Уресин со „Златната камера 300“ в рака, му се заблагодарија на жирито за добиената награда, на режисерот за дадената можност да го снимат филмот, но и на целиот тим со кој работеле.
Кинескиот кинематографер Ченгма Жијуан, кој на сцената ја прими „Сребрената камера 300“, пак, рече дека во Битола изгледал извонредни филмови од извонредни мајстори и дека, за него, е неверојатно дека токму тој ја добил наградата.
Во краткометражната селекција, жирито во состав: Дарија д‘Антонио, Питер Бижу, Теона Стругар-Митевска, Ромен Лакурба и Доменико ла Порта, ја додели наградата „Мала камера 300“ на Марта Симоеш, а му дадоа посебно признание на Стефан Ѓоргиевски за филмот „Мавера“.
На Ѓоргиевски признанието му го врачи кинематограферот Питер Бижу, лауреат на 44. „Браќа Манаки“, а младиот режисер рече дека му претставува чест што бил дел од фестивалот, бидејќи неговиот независно финансиран филм се нашол во друштво на филмови што биле на светските филмски фестивали.
– Ова е мотивација за нас, младата генерација филмаџии подготвена да ги прифати сите предизвици и, најважно од сè, го гледа филмот со едни искрени очи и љубов – рече Ѓоргиевски.
За наградата „Железна камера 300“, која се доделува за документарен филм, одлучуваше жирито во состав: Тамара Котевска, Татјана Крстевски и Самир Карахода. „Железната камера 300“ ѝ припадна на Каролин Шампетије за филмот „Човекот во црно“, „Железната камера 300“ за краток филм ја доби Неритан Зинџирија за филмот „Светло на светлината“, а посебно признание му припадна на Тео Монтоја за „Анхел 69“.
– Пред камерата на Каролин Шемпатије, главниот протагонист, виртуозниот композитор, стои соголен и ранлив, нудејќи уникатно интензивно сведоштво. Преку мајсторското осветлување и движењето на камерата, филмот ни го прикажува портретот на овој човек во неговата целовитост, претставен во стар француски театар, длабоко втопувајќи нè во внатрешниот свет на композиторот – беа зборовите со кои режисерката Тамара Котевска ја образложи одлуката на жирито.
Заблагодарувајќи се за доделеното признание, Шампетије, пак, рече дека воопшто не очекувала награда.
– Првпат доаѓам овде и би кажала дека е прекрасно да се работи со режисери кои ни ја враќаат вербата во филмската уметност и нè тераат да одиме напред – додаде Шампетије.
Од оваа година, студентската програма е со натпреварувачки карактер, со селекција на филмови од најдобрите европски филмски академии. Жирито во состав: Анастас Мичос, Бранд Фери и Нил Јанг ѝ ја додели „Кристалната камера 300“ на Хелена Фикерова, а му даде посебно признание на кинематограферот Давид Бајерски за филмот „Воскресение“.
На затворањето на „Браќа Манаки“, директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски ,рече дека во потрага по „прекрасното непознато“, создале фестивал каков што Битола и Македонија би сакале, требале и морале да имаат.
– По 44 години макотрпна и трпелива работа на сите што сме биле дел од овој фестивал и сите што со својата работа исполниле барем еден дел од фестивалскиот мозаик, се надевам, можеме да кажеме дека „Браќа Манаки“ е светски фестивал кој ги чествува кинематограферите и многу важен дел од културниот идентитет на Македонија – рече Дамевски и ги покани сите гости следната година повторно да дојдат во Битола.
Шејмус Мекгарви ја прима Специјалната награда „Златна камера 300“ од претседателот Пендаровски
Специјалната награда „Златна камера 300“ на кинематограферот Шејмус Мекгарви, пак, му ја додели македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој го затвори годинашното фестивалско издание.
– Многу сум возбуден, добив прекрасна награда. Многу ми е мило што го открив фестивалот „Браќа Манаки“, бидејќи претставува една вистинска прослава на филмот. Имаше прекрасна атмосфера и повторно ќе дојдам и следната година – рече Мекгарви, заблагодарувајќи се за доделеното признание.
Претседателот Пендаровски, пак, во обраќањето по повод свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“, рече дека го радува фактот што токму филмската уметност секогаш успева да опстои, дури и во најпредизвикувачки услови.
– Филмската уметност секогаш им пркоси на сите општествени и економски контексти, кои не се сосема благопријатни за креативното изразување. Токму затоа на последниот ден на најстариот фестивал на филмската камера во светот – „Браќа Манаки“ би сакал да им честитам на организаторите за истрајноста, а на лауреатите за сите досегашни и идни успеси – рече Пендаровски.
Фестивалот, кој се одржуваше од 23 до 29 септември во Битола, се затвори со македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, а чиј кинематографер е Душан Кардалевски.
Comentários