top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

“Шехерезада“– нов заеднички проект на НОБ со Државната опера од Варна, Бугарија

Националната опера и балет ја продолжува успешната и плодна соработка со Државната опера од Варна, Бугарија, а следниот заеднички проект за кој веќе течат преговорите е балетската претстава „Шехерезада“. Според директорот на НОБ Васо Ристов, оваа копродукциска соработка би го вклучила гостувањето на Државната опера од Варна со комплетна солистичка екипа, како и гостувањето на Националната опера и балет и учество на интернационалниот музички фестивал „Варна лето 2022“. Во таа насока деновиве НОБ го посети Даниела Иванова- Димова, директорката на Државната опера на Варна која присуствуваше на изведбата на претставата “Жизел“. “Соработката со Државната опера од Варна трае веќе неколку години, поточно во 2019 година потпишан е меморандум за соработка во времетрање од две години. Во јануари 2022 планираме повторно да потпишеме меморандум за соработка помеѓу двете институции кој би вклучил размена на солисти, авторски тимови, диригенти, копродукции претстави…“, вели Ристов. Тој посочува дека досега се остварени гостувања од солисти од Варна Иван Момиров, Даниела Дјакова, Цветелина Василева, како и гостувања на наши солисти во Варна. “Целата оваа соработка помеѓу Националната опера и балет и Државната опера од Варна, поради пандемиските услови на работа наиде на многу предизвици, меѓутоа сепак успеавме да реализираме барем еден мал ден од планираната соработка. Балетските претстави „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Рајмонда“ се дел од успешната соработка со гостување на нашите солисти Марија Кичевска Шокаровска и Ивана Коцевска, како и дел од нашите авторски тимови, вклучувајќи режија и кореографија“, истакнува Ристов. Инаку, во периодот 2020-2021 реализирани се над 80 балетски, оперски и концертни настани, од кои мал дел со онлајн прикажување. “Среќни сме што целиот овој период, покрај сите предизвици, Националната опера и балет имаше можност да работи и да релизираме балетски и оперски премиери, притоа почитувајќи ги сите препораки на комисијата за заразни болести“, додава директорот Ристов. (Д.Т.)





2 views

Comments


bottom of page