Шесто издание на Фестивалот за критичка култура „КРИК“ во МСУ
Updated: Aug 31, 2021
30.08.2021 Avgust Ponedelnik
Под мотото „Јазол – привремено постоење, анксиозност и загубена иднина“, ќе се одржи шестото издание на „КРИК“ – фестивалот за критичка култура. Оваа година ќе трае од 31 август до 11 септември во Музејот на современа уметност во Скопје, а е организиран од тимот на Контрапункт. Оттаму велат дека оваа година фестивалот ќе се обиде да рефлектира на повеќе теми кои нѐ засегаат и едновремено нѐ ставаат во јазолот на политичкиот и културниот контекст.
„Соживотот и взаемната помош се откажани под режимот на рестрикции, затворања и изолација. Првото е притисок кон индивидуалното планирање за опстанок, второто е системска репресија на колективните практики. Ова е време кога перформативноста и вештините се сведени на гол живот. Политиката тргна по патот на силата и репресијата, а науката ретко се прашува во толку масивни глобални размери. Уметниците и поетите се вкочанети, додека филозофите брзо изгореа во нивните толкувања и предвидувања кои всушност имаа за цел само да ги потврдат сопствените претходни теориски текови“, велат организаторите.
Тимот на КРИК – фестивал за критичка култура се Искра Гешоска, Артан Садику, Петар Милат, Јана Коцевска, Тијана Ана, Станимир Панајотов, Наташа Гелева, Бранимир Јовановиќ. Од Контрапункт, велат дека одеднадеш нашиот свет го загуби значењето брзо и на драматичен начин. „Во недостиг на какви било структури и механизми за поддршка, во недостиг на вистински практики на колективна солидарност и индивидуална полнота, ние разбираме дека привидот и лагата се најпрецизните именители на нашите животи. Соочени со големите политички и економски лаги како најголеми вистини, можеме да продолжиме само кон една долготрајна и измачувачка привременост во постоењето. Со отсуство на една напрегнатост и мобилност што би довеле до ситуација за поинаква политичка опција и живот – вознемиреноста станува главната состојка на здивот што нѐ одржува ‘живи’, додаваат оттаму.
Comentarios