Шесто издание на МФФ „Киненова“
Шестото издание на МФФ „Киненова“ ќе се одржи од 27 до 31 октомври. Свеченото отворање ќе се одвива во кино „Милениум“, на кое ќе се прикаже проекцијата на филмот „Бановиќ Стахиња“ / AS FAR AS I CAN WALK на Стефан Арсенијевиќ, а останатите филмови од програмата ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија. Покрај филмовите што се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата“, како и краткометражни македонски и странски филмови. – Оваа година фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24. Немаме намера да се откажеме од овој начин на пласирање на фестивалот, знаејќи го влијанието кое минатата година КИНЕНОВА го имаше во јавноста. Фестивалот оваа година и покрај намалената светска продукција на филмови и исклучително проблематичната дистрибуција на истите, обезбеди доста концентрирана програма, која ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите. Фестивалот оваа година ќе ја слави македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини кои ќе ги објавиме наскоро – вели Небојша Јовановиќ, директор на МФФ „Киненова“.
Comments