Шестмина во водство со максимален ефект
ШАХ – ПО ЧЕТИРИ КОЛА НА „ОПЕН СКОПЈЕ 2022“
Шест шахисти водат со максимални четири поени по првите четири кола на меѓународниот турнир „Опен Скопје 2022“, и тоа Вугар Расулов (2,515 рејтинг-поени) од Азербејџан, Антон Демченоко (2.645, рангиран на првото место пред почетокот на турнирот) од Русија, Кирил Георгиев (2.538) од Македонија, Владислав Неведничи (2.485) од Романија, Лука Драшковиќ (2.492) од Црна Гора, сите велемајстори (ВМ) и Мухамед Аслани (2.207) од Косово. Од македонските претставници, само ВМ Кирил Георгиев и интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.350) немаат загубено партија. На турнирот се играат вкупно девет кола. Прворангирана шахистка е ЖФМ од Романија Алина Михаилова (2.082), а македонска претставничка, Сања Трајковска (1.960). По ова коло, најуспешна кај шахистките е Бугарката Емилија Георгиева (1.828), со 2,5 поени и е на 29-то место, а македонска шахистка е Ивана Манова (1.876), која е 45-та со два поена.
На турнирот играат вкупно 129 шахисти и девет шахистки (11 ВМ, 3 ИМ, 6 ФМ, 1 ШФМ) од Азербејџан, Индија, Мексико, Молдавија, Шпанија, Русија, Романија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Македонија, Косово, Грција и од Бугарија. „Опен Скопје“, кој во минатото имаше голема традиција и на кој учествуваа многу реномирани домашни и странски шахисти и шахистки, годинава е со паричен фонд од 12.500 евра, поделен на 12 награди (победникот ќе добие 2.800 евра), а предвидени се и повеќе специјални парични награди. „Опен Скопје“ претходен пат со стандардно време на размислување се одржа во 2019 година, а во 2020 и во 2021 година се одиграа турнири „Опен Скопје“ во забрзан и во брз шах. Некои резултати од 4. коло: ВМ Демченко – ИМ Николовски 1-0, ВМ Станојоски – ВМ Георгиев 0-1, Тсакнакис – ВМ Расулов 0-1, ВМ Драшковиќ – Велјаноски 1-0, ВМ Неведничи – Лефтериотис 1-0, Аслани – ВМ Корнеев 1-0, ВМ Ѓукиќ – ФМ Суковиќ 1-0, Главинац – ВМ Дражиќ 0-1, ИМ Лазов – Георгиева 1-0 итн. Г.И.
Comments