top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Шестдневна културна програма по повод Петровден – празникот на Кочани

Општина Кочани подготви шестдневна програма со музички, литературни, верски и спортски настани по повод Петровден – празникот на градот.

Содржините од програмата почнуваат утре со отворањето на меѓународниот фестивал на стари изворни влашки песни и ора „За Петровден сите на планина“ што напладне ќе се одржи на Пониква, а во 19 часот во Мултикултурниот центар претставување ќе има Афористичката репрезентација на Македонија со членовите од Кочани. В недела Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ ќе го одржи традиционалниот Петровденски планинарски марш до врвот Китка на Осоговските Планини.

-Во соработка со „Корпус деликти рекордс“ од Скопјне в недела, во периодот од 10 до 24 часот во паркот во Кочани ќе се одржи Втората летна интернационална берза на винили, во чии рамки ќе има промоција на книгата „Хрватскиот панк и новиот бран 1976-1987“ од Винко Бариќ. Паралелно ќе има и диџеј музички сетови, изложби на фотографии „Македонската рок музика на насловните страници на печатените медиуми“ и „Новиот бран – децата на социјализмот“ од Зоран Кардула, како и изложба на стрип табли „Барокен човек“ од Винко Бариќ. Во вечерниот термин концери ќе одржат групите Напорно суисајд од Хрватска, Аксидентал рајд, Хајка и Ласт експедишн, информираа од Општина Кочани.

В понеделник попладне во православниот храм „Св. Георгиј Великомаченик“ митрополитот брегалнички Иларион ќе одри вечерна богослужба, а потоа ќе има верска литија до Градскиот парк и концерт на духовна музика во Мултикултурниот центар.

На денот на празникот Петровден градоначалникот Љупчо Папазов ќе организира прием за најдобрите ученици од општината, потоа ќе се одигра финалето од Петровденскиот турнир во мал фудбал, а настап ќе имаат и учесниците од детскиот фестивал „Музички бранови“.

Во библиотеката „Искра“ на 13 јули ќе биде отворена изложба на стари фотографии од Кочани и дела на роднокрајни автори од библиотечниот материјал, а како завршница на празничната програма, во вечерниот термин на 14 јули во Мултикултурниот центар концерт ќе одржи пијанистката Благица Арсова.


0 views

Comments


bottom of page