Шек се појави со уникатен аутфит и доби чест на која е посебно горд: Не заборавајте од каде сте дошле (Видео)
14.02.2024 Februari Sreda
Орландо Меџик слави 35 години од своето постоење и овој убав јубилеј ги прави горди сите луѓе од Флорида, но и големиот Шекил О’Нил кој рано утрово доби чест која не ја добил ниту еден играч во историјата на оваа франшиза.
За првпат од основањето, Орландо реши да повлече број на еден играч кој го носел дресот на Меџик, а тоа е неповторливиот Шек кој четири сезони со 32-та на грбот беше предводник на теренот, но и во соблекувалната.
О’Нил го стави Орландо на кошаркарската мапа и поради тоа доби посебна чест од водечките луѓе, па и самиот тој не криеше дека е посебно трогнат од тоа што стана првиот играч чиј дрес ќе стои највисоко во „Киа центарот“.
– Сите ја знаеме старата изрека: Не заборавајте од каде сте дошле. Мојата професионална кариера започна тука и имам специјална конекција со Орландо. Добар дел од животот живеев тука и луѓето секогаш беа добри кон мене.
– Ова е најголема чест од сите церемонии на кои сум бил присутен. Посебна е честа што сум првиот играч чиј број се повлекува во Орландо. Орландо секогаш ќе има посебно место во моето срце, секогаш ќе бидам горд што бев дел од оваа франшиза. Сакам да им се заблагодарам на сите мои соиграчи од Орландо, без нив, денеска намаше да стојам тука, – изјави Шек кој имаше подготвено и уникатен аутфит за специјалниот чин.
О’Нил беше прв пик на драфтот на Орландо во 1992-ра година, стана првиот играч на Меџик кој стигна од Ол стар меч, беше првиот најдобар дебитант во историјата, а после четири години, стана и првата голема ѕвезда која го напушти тимот.
Comments