Шевченко најави засилувања во јануари на промоцијата во Џенова: Во игра се две формации за овој тим!
Андриј Шевченко ова попладне и официјално беше претставен како нов тренер на Џенова, такашто ја одработи првата прес-конференција во јавноста, одговарајќи на прашањата кои му ги поставуваа угледните италијански новинари.
Легендарниот Украинец му се заблагодари на новото раководство на Џенова што го врати во Италија по етапата како селектор која ја имаше во родната земја, но уште при првото обраќање, најави промена во правецот, и кога е во прашање тактичката поставеност, и кога е во прашање идеологијата на трансфер пазарот.
Шева најави дека ќе го засили тимот на неколку позиции уште во јануари, а засега прва и главна цел му е да избори опстанок со тимот до крајот на сезоната.
– Ова е многу важен момент за мојата тренерска кариера. Сакам да им се заблагодарам на новите газди што ме вратија во Италија, земја која има посебно место во моето срце. Џенова е навистина важен клуб во Италија, а ова е проект кој носи голема возбуда за мене. Засега, цел број еден ќе биде да ја задржиме Џенова во Серија А и наредната сезона. Ова е најстариот клуб во Италија, а тоа дефинитивно значи нешто. Се надевам дека ќе останам тука доста време.
– Реалноста вели дека мора да го засилиме тимот во јануари. Историски гледано, Џенова секогаш била агресивен тим и мора да се носиме по тој менталитет кога ќе ги бираме засилувањата. Додека зборував вчера со играчите, сфатив дека и тие сакаат да се поправи ситуацијата, ќе направат се за тоа. Овој актуелен тим има одредени карактеристики и во игра се две формации. Мислам дека најдобро ќе одговараат 3-5-2 или 4-3-3, – порача Шевченко кој испрати порака и до фановите на Џенова.
– Додека бев играч, се сеќавам дека секое доаѓање на Мараси беше како да играте против 12 играчи. Фановите беа толку страствени со својот тим, се надевам дека истата атмосфера ќе ја гледаме и сега. Потребна ни е поддршката од нашите фанови, со нив, овој проект може да биде многу добар во иднина, – заврши Шева.
Comments