top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Швјонтек е прва тенисерка што по 16 години ја одбрани титулата на Ролан Гарос

ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС

За Швјонтек ова е трета победа на Ролан Гарос, а вкупно четврти гранслем-трофеј

Полската тенисерка и број еден на женската ВТА-листа, Ига Швјонтек (22), ја одбрани титулата на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз, откако во финалето по голема борба ја совлада Каролина Мухова (26) од Чешка со 6-3, 5-7, 6-4, во меч што траеше два часа и 49 минути. Двете тенисерки претходно одиграа само еден меѓусебен дуел, во 2019 година во Прага, а победи Мухова со 2-1 во сетови. Со овој триумф, Швјонтек покажа дека е неприкосновена на земјена подлога, оти за неа ова е трет трофеј на Ролан Гарос (претходно победи во 2020 и во 2022 година) и стана првата тенисерка што по 16 години ја одбранила титулата во Париз по Белгијката Жастин Анен во 2007 година. – Честитки за Каролина, членовите на мојот тим и јас знаевме уште од првиот пат кога игравме една против друга, дека ќе имаме тешки меѓусебни дуели. Бев изненадена од нејзината сестрана игра на теренот и се надевам дека ќе се сретнеме во уште многу финалиња – изјави Швјонтек.

Швјонтек сега има три титули на Ролан Гарос, а вкупно четири гранслем-трофеи, со триумфот на САД опен лани. За Мухова ова беше јубилеен 50-ти гранслем-меч и прво финале на најголемите турнири. – Ова беа неверојатни две-три недели во Париз за мене и за мојот тим. Бев толку блиску, но толку далеку, но тоа се случува кога играш против една од најдобрите тенисерки. Им честитам на Ига и на нејзиниот тим за победата – рече Мухова, која пред овој турнир беше 41. во светот, а својот единствен ВТА-триумф го има во Сеул пред четири години

Таа со настапот на Ролан Гарос најверојатно си го обезбеди враќањето меѓу 20-те најдобри во светот, а Швјонтек само се зацврсти на првото место. Вчера во машкото финале требаше да играат Србинот Новак Ѓоковиќ и Норвежанецот Каспер Руд.

Г.И.


0 views

コメント


bottom of page