top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Швеѓанецот Сванте Пабо ја доби Нобеловата награда за медицина

Шведскиот генетичар Сванте Пабо е годинашниот добитник на Нобеловата награда за медицина за, како што се смета, пионерскиот потфат во користењето на древната ДНК за нови откритија во човечката еволуција.

Нобеловиот комитет објави дека Пабо го постигнал она што изгледало дека е невозможно да се постигне, имено дека го секвенционирал првиот неандерталски геном и дека утврдил дека хомосапиенсот се вкрстувал со неандерталците. Неговото откритие беше објавено во 2010 година, откако тој беше пионер во методите за екстракција, секвенционирање и анализа на античка ДНК од коските на неандерталците. Благодарение на неговата работа, научниците можат да ги споредат геномите на неандерталците со оние на луѓето што живеат денес. – Семиналните истражувања на Пабо доведоа до воспоставување сосема нова научна дисциплина – палеогеномика. Со откривањето на генетските разлики помеѓу живите луѓе и изумрените хоминини, неговите наоди се основа за истражување на она што нè прави единствени – објасни комитетот. Пабо открил дека повеќето луѓе денес споделуваат од еден до четири отсто од нивната ДНК со неандерталците, што значи дека неандерталците и хомосапиенсите мора да се вкрстувале и имале потомство пред неандерталците да изумрат пред 40.000 години. Овој шведски генетичар бил директор на германскиот институт за еволутивна антропологија „Макс Планк“ и истражувач во Природонаучниот музеј во Лондон, пренесува „Си-ен-ен“.



0 views

Comments


bottom of page