Шведската драма „Надеж“ со Стелан Скарсгард во македонските киносали
Шведскиот филм „Надеж“ на режисерката Марија Содал, со легендарниот Стелан Скарсгард и норвешката актерка Андреа Браин Ховиг, се прикажува во киносалите низ републиката.
Денеска филмот се прикажува во Кинотеката во Скопје во терминот од 15 часот, како и во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино во терминот од 19 часот. Филмот викедов е на репертоарот на киното „Милениум“ (15 часот), од каде продолжува во Битола и Охрид.
Ова осварување кое беше дел од програмата на многу меѓународни фестивали, има освоено седум награди, беше номиниран за најдобар европски филм, а на Берлинале режисерката Содал ја освои наградата Label Europa Cinemas.
Ања, 43-години и 59-годишниот Томас имаат големо семејство на биолошки деца и посинок. Веќе неколку години, тие се имаат отуѓено еден од друг, живеејќи и работејќи во паралелни светови. Кога Ања открива дека има терминална фаза на рак, нивниот модерен живот се распаѓа и ја разоткрива нивната нарушена врска.
Сама со своите тага и стравови, Ања сфаќа дека ѝ е потребна целосна помош и поддршка од Томас. Тоа е нивната единствена шанса. Како инаку нивните деца ќе најдат сила откако таа ќе замине, ако нивните родители не можат заедно да ја преживеат бурата? Ања и Томас се приморани да најдат решение за меѓусебна доверба, и на крајот заедничка борба, да се справат со неочекуваната и прерана смрт.
Со повторното запознавање еден со друг, тие несвесно стануваат главни ликови во љубовната приказна каде конечно учат вистински да се сакаат по долгиот заеднички живот.
Дистрибутер на филмот е КТ Филм и Медиа, а дистрибуцијата е поддржана од МЕДИА Креативна Европа.
Comments