Шведска фаворит на обложувачниците за победа на Евросонг 2023
По неколку месеци по ред на првото место во обложувачниците за победник на Евровизија, Украина сега на врвот е заменета од Шведска, која стана нов фаворит за освојување на трофејот во мај. Она што е интересно е фактот што Шведска сè уште нема избрано песна за Евровизија, но синоќа, конечно, во јавноста беше објавен едноминутен исечок од песната Tattoo, која на претстојниот национален избор ќе ја отпее Лорин, победничка на Евросонг 2012. На денот кога Лорин првпат ја вежбаше песната за „Мелодифестивален“, Шведска ја престигна Украина како земја со најголема веројатност да победи на 67. избор за песна на Евровизија. Лорин е голем фаворит за победа на шведскиот натпревар, чие финале е закажано за 11 март. Но, интересно е и тоа што Лорин сè уште не е во финалето на тоа натпреварување. Имено, задачата пред неа е да се пласира од полуфиналето во големото финале овој викенд, но се чини дека обложувачниците воопшто не се сомневаат во нејзиниот успех и дека веќе ја гледаат на евровизиската сцена.
Comments